Во Собранието на Република Македонија денеска им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ за 2018 година, на активистката Ленче Здравкин и сликарот Омер Калеши.
Наградата се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човековата солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
– Ја искажувам мојата благодарност со мојата маленкост, оваа награда денес ја примив од вас, но јас со широко срце ќе кажам дека наградата ја заслужија и граѓаните на Велес, Скопје, Охрид, Тетово и сите градиви во Македонија. Наградата е цела Македонија, рече Здравкин, која несебично им помага на бегалците кои минуваат покрај нејзиниот дом.
Се уште ја имаме најголемата бегалска криза во светот, додаде таа, посочувајќи дека граѓаните на Македонија покажале дека иако сме мала земја, сме хумани, со широко и топло срце и дека сме земја на солидарноста.
– Не дека сите ние имаме многу, но дека и тоа малку што го имаме можеме да го поделиме со патникот кој не пос своја вина го напуштил својот дом, кој е пеплосан, посочи Здравкин. Посочи дека сите треба да се стремиме на мала помош, да им помогнеме на оние кои не можат сами да си помогнат.
Сликарот Омер Колеши изрази задоволство што ја добива наградата и што заедно со него е наградена и Здравкин.
Тој потенцира дека тој и Мајка Тереза имаат три слични работи: двајцата се родени во Македонија, двајцата се занимавале со човекот, таа се занимавала со животот и здравјето на човекот, а тој со, како што кажа, главата и со душата на човекот.
– Кога станува збор за заедништвото, ќе цитирам одредени реченици: Ние сме дошле на светот да се соединиме, а не да се одвоиме, рече Колеши.
На Универзитетот „Мајка Тереза“ има галерија со дваесетина негови слики, со што тој како што кажа, многу се гордее.
Наградата се доделува од 2006 година на 26 август – денот на раѓањето на Мајка Тереза.
Од денеска до 5 септември се одржува и традиционалната манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, во организација на граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“.
Манифестацијата почна претпладне со положување цвеќе на спомен плочата на местото на нејзината родна куќа, како и на споменикот и нејзиното светилиште во Феудална кула.