Тетовската полиција откри лице кое пукало во воздух по зачестените пријави за вакви инциденти. Викендов по претходна пријава за пукање рафални истрели на улица „121“ полицајци на самото место во еден угостителски објект го затекнале 32 годишиот Б.Д од Тетово, кој го признал делото.

-Тој изјавил дека испукал неколку истрели од гасен пиштол. Потоа пиштолот со потврда му е одземен, а човекот е приведен во Полициска станица Тетово за расчистување на случајот, при што ќе следи и соодветна пријава – информираа денес од СВР Тетово.

Пукањата од оружје во воздух на свадби и заталкани куршуми поради кои имаше и повредени и оштетени возила се случуваат редовно овој период и постојано се објавуваат во билтените на случувања при СВР Тетово. Инаку во петокот 10 август 34 годишник од Мала Речица беше повреден од заталкан куршум. Тој бил во угостителски објект на улицата „Штипска“ во Тетово каде на една од масите седел со повеќе негови пријатели и сопственикот на локалот. Во еден момент слушнале звук, по што луѓето на десната нога на 34- годишникот забележале зрно од огнено оружје.

Полицајците од тетовската станица претходно безуспешно се обидуваа да најдат кој пукал на свадба каде нашле чаури од испукани куршуми. Сопственикот на куќата во Порој каде била свадбата на полицајците им рекол дека не видел кој пукал, бидејќи на веселбата имало многу луѓе. Од почетокот на август СВР Тетово бележи пет случаи на заталкани куршуми и толку оштетени возила.

A.С.