Во првата приватна општа болница „Ре-медика“ се роди првото бебе чија мајка беше подложна на методот на оваријално подмладување, односно подмладување јајчници. Доц. д-р Валентина Сотироска, шефица на инвитро-лабораторијата, изјави дека овој метод може да најде примена кај пациентки со слична проблематика.
– Овој метод е употребен за да ги подмладиме јајчниците кај пациентката затоа што таа имаше многу слаби резерви. Кај неа се одеше и со донација на јајце-клетки. Плазма збогатена со тромбоцити од сопствената крв на пациентката, беше центрифугирана, а оплодувањето се направи во инвитро-центарот. Оваа метода ќе најде примена кај пациентки со слична проблематика. За жал, имаме голем одзив, имаме сѐ повеќе пациентки што треба да бидат подложени на ваквата техника. Нашата врата е отворена за секоја од нив, ние сме овде за да им помогнеме во остварувањето на нивната најголема желба, да станат родители – вели д-р Сотироска.
Бременоста на родилката ја водела спец. гин. акушер д-р Снежана Стојковска.
– Родилката ја помина бременоста одлично. Породувањето помина во најдобар ред. Искрено се радувам што се оствари нејзиниот долгогодишен сон за родителство. Имаме уште четири пациентки што својата бременост ја постигнаа со оваа метода – вели д-р Стојковска.