Според последните сознанија околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации, информираат од Министерството за надворешни работи.
Министерството нагласува дека компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен.
„Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во МНР пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан, за нашите активности, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи претходно вчера соопшти дека формирана е посебна работна група за извлекување на македонските државјани од Авганистан. Велат дека се во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано добиваат информации за состојбите на терен.
„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти МНР.