Со модернизација и надградби на постојните железници и со подобрување на инфраструктурата на автопатиштата и мостовите почнува да се спроведува проектот познат во јавноста како воен шенген, кој е практично нов меѓудржавен механизам што годинава почнува да се реализира меѓу државите на Европската Унија. Овие информации поврзани со конкретните безбедносни активности на Европската Унија неодамна беа публикувани од Брисел во документ наречен „акцискиот план за воена мобилност“.
Според Брисел, целта на овој европски документ е да се олесни транспортот на војници и воена техника внатре во ЕУ, каде што засега има голем број административни формалности и недостиг од инфраструктура за негова реализација. Акцискиот план за воена мобилност, кој е опишан на десетина страници, кој e достапен за јавноста, предвидува да се дефинираат потребите на воениот транспорт и да се провери дали инфраструктурите се употребливи за потребите на европските војски. Според она што е напишано во елаборатот, Европската комисија до почетокот на наредната година треба да направи процена на висината на финансиските инвестиции што Унијата ќе треба да ги инвестира за да може практично да почне да функционира воениот шенген. Во контекст на овие актуелни случувања, американскиот магазин „Политико“ информира дека воена вежба што лани била спроведена во Европската Унија покажала дека државите на Стариот Континент во практиката во вакви услови не можат да го спроведат воениот шенген.
– Воената вежба покажа дека во одредени држави во ЕУ, максималната толерирана висина и тежина на возилата на патните врски заедно со функционалноста на одредени мостови не одговара воопшто на потребите за брз транспорт на воената опрема и технологија, која во практика е превисока и претешка за моменталната инфраструктура на Унијата – пишува „Политико“. Според магазинот, во наредните месеци, националните влади на европските држави треба сериозно да се зафатат со подготвување на потребните процени на патните и железничките мрежи, а дури потоа Брисел ќе се изберат приоритетите на дејствување. Еврокомесарката за транспорт Виолета Булк во изјава за „Политико“ информира дека најдоцна до 2 мај, ЕУ ќе излезе со финансиска проекција како ќе се реализира планираното.
Американскиот магазин во својата анализа додава дека реалните процени за заживување на воениот шенген се поврзуваат со 2025 година. Од друга страна, стручниот магазин „Еуропеан дефенс матерс“ информира дека поентата на воениот шенген е во намалувањето на бирократските процедури при движење на воените сили од една членка на пактот во друга, а во поширок контекст овој настан би можело да навестува создавање иден воен сојуз на држави-членки на ЕУ. Во меѓувреме, новинската агенција АФП, коментирајќи го бриселскиот документ пишува дека Европската Унија со него предвидува кофинансирање на десетина транснационални коридори, но одлуката дали тие ќе бидат протуркани, како и на кој начин тие ќе бидат користени за воени цели се прашања што во најголем дел зависат од волјата на земјите-членки за вистинско воведување на воениот шенген.