Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието поднесе предлог-одлука за основање анкетна комисија за утврдување на евентуалното нестручно, несовесно и незаконито работење на СЈО во рамките на оваа институција, изјави пратеникот Антонијо Милошоски.
-Оваа предлог-одлука ја поднесуваме до Собранието затоа што токму Собранието по предлог на Советот на јавните обвинители констатира дека специјалниот обвинител, госпоѓа Катица Јанева, работела нестручно, незаконски и несовесно и сакаме во име на граѓаните како даночни обврзници што одвоиле приближно 15 милиони евра за работењето на досегашно СЈО да ги утврдиме фактите на кој начин биле трошени средствата и на кој начин се постапувало по одредени други процедури внатре во самото СЈО. Анкетната комисија би се состоела од претседател и 10 члена и како иницијатори сметаме дека имаме и капацитет и во согласност со собраниската пракса да номинираме претседател на оваа анкетна комисија, а сите други политички партии во согласност со нивното присуство во Собранието да делегираат членови во анкетната комисија. Анкетната комисија не би се занимавала со какви било обвинителски или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител ниту судија, но би го утврдувала начинот на материјалното и финансиското работење на обвинителството, почитување на постојните законски процедури и деловодници внатре во самото обвинителство. Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство, утврдување можни конфликтни интереси или непотизам при вработување, како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари за она што го имаме како дојава за потпишување договори за чување деловна тајна, која сметаме дека по самиот опис на работа не би требало да ги исклучуваат обвинителите или вработените внатре во обвинителството бидејќи законот им налага во секој случај со самото засновање работен однос да чуваат деловна тајна, а сметаме дека имало голем дел такви договори и исплатени хонорари, кои, според нас, немаат законска основа. Тоа што би сакал да го напоменам е дека во ваквата анкетна комисија како придружни членови или набљудувачи би биле поканети и претставници на шведската, американската и на холандската амбасада бидејќи овие три држави имаа значителен финансиски учинок и влог во буџетот на СЈО од даночните обврзници на нивните земји и сметаме дека би имале право да имаат увид во тоа како биле потрошени или како се располагало со средствата на нивните даночни обврзници во рамките на работата на СЈО. Очекуваме по однос на оваа предлог-одлука за анкетна комисија, најбргу што може да се изјаснат и другите политички партии, особено колегите од владејачкото мнозинство, кои заедно со сите други пратеници ја почитуваа одлуката на Советот на јавните обвинители за незаконско, нестручно и несовесно работење на специјалната обвинителка Катица Јанева, која беше најбитната фигура во оваа институција, и тоа е доволна основа да имаме мотив да го провериме работењето на СЈО во деловите што ги спомнав. Тоа би било приближно она што сакав да го изнесам денес и да ве информирам дека ќе ја поднесеме до Собранието оваа предлог-одлука – истакна Милошоски.