Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција, ја претстави одлуката на Владата организирање на голема акција за чистење на ѓубре, во која учество ќе земат вработените од државните институции.
– Во сабота, на 14-ти декември, сите вработени од институциите ќе се приклучат на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, под мотото „Чистиме со Не биди ѓубре“. Акцијата за чистење ќе се одвива на повеќе локации во Скопје, како и во поголемите градови во државата. Во акцијата се очекува да бидат вклучени над 40 000 луѓе. Ова ќе биде масовна акција за чистење, која планираме да стане и традиционална – информираше министерот Манчевски.
На овој начин, како што рече Манчевски, вработените од државните институции ќе помогнат за зачувувањето на животната околина, која е на сите и за сите. На овој начин ќе се подигне и свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата.
– Со цел за успешна организација на оваа акција, на вчерашната седница Владата формираше и работна група во која има претставници од: Кабинетот на премиерот, Министерството за животна средина и просторно планирање, МИОА, Градот Скопје и ЗЕЛС, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП за одржување и заштита на регионалните и магистралните патишта. Онаму кадешто ќе биде потребно ќе бидат обезбедени и соодветни алат и механизација да помогнат во чистењето – истакна министерот Манчевски.
Тој ги повика и локалната самоуправа и институциите на општините, да се приклучат на акцијата. На акцијата ќе се приклучи и Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот, Самоел Жбогар.
Поради природата на работата, вработените од здравствениот и образовниот сектор, градинките, како и оние вработени чијашто природа на работата не дозволува отсуство од работа, ќе се приклучат на акцијата со тоа што ќе ја чистат околината на установите во коишто работат.
На овој начин, вработените ќе го надоместат неработењето на 2-ри јануари 2019, кој беше прогласен за неработен за државните институции. Наместо да одат на работа, вработените на 14-ти декември, во периодот од 9 до 12 часот, ќе помогнат да се исчистат загадените локации низ градовите.