Владата на Република Македонија со посветеност и внимание ја следи дебатата што се разви по најавената подготовка на План за одлучна акција против ширење дезинформации, се наведува во соопштението на Владата.
Конструктивната дебата потврдува колку е важна и суштинска потребата од подготовка на една таква сеопфатна иницијатива во која задолжително ќе бидат вклучени сите засегнати и сите заинтересирани страни, медиуми, организации, новинари и граѓани кои се определени против лажните вести кои ја заврозуваат демократијата.
Во соопштението се наведува дека Владата ќе обезбеди широк простор за јавна дебата, вклученост на сите засегнати и носење одлуки преку заедничко разбирање и договор, како и тоа дека манипулацијата и дезинформациите со злоупотреба на новите технологии е зло кое ги засегнува сите и затоа битката им припаѓа на сите.
– Во наредниот период Владата ќе иницира серија дебати, трибини и други средби и работилници како шанса за сите да го дадат својот придонес. Истовремено, Владата ќе ги прифати сите слични иницијативи организирани од сите релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката за План за одлучна акција против ширење на дезинформации – пишува во соопштението.