Националните стратегии (доктрини) на соседите за Македонија – многудецениска константа (1)
Некои од соседските национални стратегии или доктрини во однос на Македонија и македонското прашање се ставени и како официјални документи, односно меморандуми на нивните национални академии за науки и уметности, а некои пак личат на виртуелни аспирации, но секако се спроведуваат – некогаш притаено, а често и отворено и гласно
Во најновата епизода на бугарската политичка сцена, тамошните клучни политички актери по двегодишното глумење „добрососедство“ формираа т.н. консултативен совет за Македонија, со што планираат перипетија на фабулата на досегашната бајка, поставувајќи нови историско-ревизионистички пречки за Македонија на патот кон ЕУ.
Познавачите на македонско-бугарските односи, т.е. на меѓусебните соседски односи на балканските држави, договорот за добрососедство го проценија како наметнување „добрососедство под притисок на ЕУ“. И беше прашање на време кога ќе се активираат познатите атавизми во однос на македонското прашање, кои се провлекуваат повеќе од еден век во националните стратегии, како на Бугарија, така и на другите балкански соседи. Куриозитетниот феномен на таквите соседски национални стратегии во однос на Македонија е што тие опстојуваат и се спроведуваат перманентно, константно и упорно, и покрај промените на државното уредување, демократизацијата и општествената либерализација, промените на власта во соседските држави, па и промените на глобалниот геополитички контекст.
Некои од соседските национални добро познати стратегии во однос на Македонија и македонското прашање се ставени и како официјални документи, односно меморандуми на нивните национални академии за науки и уметности, а некои, пак, личат на виртуелни аспирации, но секако се спроведуваат – некогаш завиено во обланда, а често и отворено и гласно.
– Сите академии на науките и уметностите на балканските држави во некој период од нивната државност имаат донесено меморандуми со кои сметаат дека ги легитимираат своите аспирации спрема Македонија, а со кои ги негираат македонската нација и македонизмот. Таквите меморандуми сѐ уште циркулираат и повремено воскреснуваат на Балканот. Тој феномен на национални стратегии за присвојување на Македонија функционира веројатно еден и пол век. Најконкретна илустрација на актуелноста на таквите стратегии е фактот што во Бугарија како национален празник се слави 3 март, денот кога во 1878 година е скициран Санстефанскиот договор (според кој Бугарија требало да ги добие македонските територии што биле во владение на Османлиското Царство), кој никогаш не бил реализиран. И денес, Бугарија како државен празник слави една виртуелна карта, виртуелен историски момент што никогаш не се реализирал. Но тоа многу ислустративно покажува дека националната стратегија (дури и да е на виртуелни аспирации) на Бугарија спрема Македонија е од 1878 година и сѐ уште е жива, како и да се менуваат историските контексти – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Познато е дека соседските аспирации спрема Македонија, кои прераснале во национални стратегии, не се „ексклузивна желба“ само на Бугарија. Од т.н. „Начертание“ на српскиот политичар од 19 век, Илија Гарашанин, српскатапровлекувала во различни форми и академски меморандуми, а актуелно најсилно е манифестирана во црковното прашање. Во таквите аспирации спрема Македонија, формулирани во своевидна национална стратегија, може да влезе и албанската Призренска лига од 1878 година, која го има истиот контекст на бугарските санстефански желби. Од националните интереси, артикулирани во стратегии, Македонија во современиот политички контекст, од прогласувањето на својата државна независност, најмногу последици во однос на нејзината меѓународна афирмација доживеа од Грција. Во текот на триесетина години, колку и да се менуваше владејачката гарнитура во Грција, никогаш не отстапи од позицијата на непризнавање на македонската држава и нација.
– Распадот на Југославија означува нова етапа на стратегијата за македонизмот, која веќе не е диктирана од соседните држави, туку од единствената светска суперсила, САД. Македонскиот народ очигледно не се вклопува во американскиот концепт за Балканот. Американците имаат свое сценарио, кое филигрански се спроведува од деведесеттите години на 20 век до денес, со единствена цел – дефинитивно затворање на македонското прашање. Ќе потсетам дека по распадот на Југославија, првпат во историјата, Вашингтон е главен фактор на Балканот. Нормално е во такви услови дека вековните историски синдроми на соседите кон македонскиот народ добиваат нова тежина, која води во правец на реализација на нивните аспирации. Сите тие имаат стари национални стратегии, од „Начертанието“ на Гарашанин (Србија), Призренската лига (Албанија) и бугарската теза дека тие се граничат со бугарски територии. Тука треба да се додаде и Грција, која никогаш не прифати дека постои македонски народ и таа политика ќе продолжи уште долго, и покрај Преспанскиот договор и фактот што таквиот став е срамен за 21 век – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Непроменливоста на националните стратегии (доктрини) на соседите спрема Македонија, и покрај различни билатерални договори со кои би требало да се решат „споровите“, очигледно ќе продолжи и понатаму, а тоа е видливо и од последната бугарска манифестација на историски аспирации.
– Овие последни договори за добрососедство се креирани поради притисокот од страна на ЕУ, за тие да си немаат проблеми со балканските држави, но воопшто не ѝ гарантираат на Македонија дека соседите ќе се откажат од своите т.н. национални стратегии и ќе градат искрено добрососедство. Од она што имавме можност да искусиме досега, нашите соседи на добрососедството гледаат како на отворена можност за уцени. Инаку ваквите добрососедски договори не се никаква новост во современата историја на Балканот. Таков своевиден добрососедски договор имало уште во 1947 година меѓу Југославија и Бугарија (што сега Бугарија го смета за предавнички), како и оној балкански пакт за соработка од 1953 година, меѓу Југославија, Грција и Турција… Сите тие договори некако се покажале како неуспешни, токму поради сопствените агенди на балканските држави. И сите добрососедства биле сфаќани како добрососедство со уцени – смета историчарот Тодор Чепреганов.