Папата Франциск упати видео порака до граѓаните на Македонија, во пресрет на неговата посета на нашата земја на 7 мај. Преку кратката видео-порака, тој кажа дека чувстува радост и пријателство кон македонскиот народ и кон црквата што постои во Македонија.
– Откако вашата земја стана независна, Светиот Престол сакаше со вас да воспостави пријателски и дипломатски односи. Денес, повеќе од кога било, има потреба и во Европа, и во целиот свет, да се развива култура на излегување во пресрет, култура на братство, и јас ќе дојдам меѓу вас, да го посеам ова семе. Сигурен сум дека вашата земја е добра, дека ќе го прими ова семе и ќе добие плодови – истакна папата Франциск.
Тој дополнително кажа дека посебната убавина на Македонија се должи на различните култури, етникуми и религии што живеат во неа, а потенцираше и дека соживотот не е секогаш лесен, во реди да се вложи напорот за него, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои.
– Мојата посета ја посветувам и на една голема светица, ќерка на вашата земја, Мајка Тереза, родена и израсната во Скопје, која преку благодатта Божја, стана храбра мисионерка на Христовата милост во светот, давајќи утеха и достоинство на најсиромашните меѓу сиромашните – констатираше папата.
Тој на крајот во своето кратко обраќање, повика за подготовка на средбата со политва која ќе биде исполнета со мир и секое добро за македонскиот народ.