Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ја посети детската градинка „Сончоглед“, клон на ЈДГ „Весели цветови“ во скопската општина Кисела Вода. На првиот ден од септември кога бројот на децата во градинките се зголемува, министерката апелираше за важноста од почитувањето на здравствените протоколи во време на пандемијата предизвикана од ковид-19. Таа нагласи дека состојбата во градинките е стабилна.
Шахпаска порача дека Владата и Министерство за труд и социјална политика продолжуваат да се грижат за здравјето на нашите најмали бидејќи децата се нашето непроценливо богатство.
– Со оглед на фактот што од први септември се зголемува и бројот на деца присутни во градинките, денес сме во посета на клонот „Сончоглед“ во склоп на градинката „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода. Јас сакам да споделам со граѓаните дека согласно последниот пресек 71 отсто од вработените во градинките се веќе вакцинирани. Меѓутоа кога говориме за процентот на вакцинирани негователи и воспитувачи, овој број е уште поголем. Апелирам до сите вработени да пристапат кон процесот на вакцинација затоа што преку грижа за личниот имунитет тие придонесуваат за колективниот имунитет и пред се за грижата за нашите најмлади, односно децата сместени во детските градинки – рече Шахпаска.
Таа потенцираше дека во насока на обезбедување на што поголема здравствена сигурност, вработените во детските градинки треба да го почитуваат Протоколот за превенција и заштита од ширење на вирусот, како основна алатка за непречено функционирање на детските градинки. Во таа насока МТСП организираше и онлајн средба меѓу вработените во градинките со докторите Жарко Караџовски, Кристина Ставридис и Сузана Маневска на која беа расчистени сите дилеми кои ги мачат вработените во врска во имунизацијата.
При посетата, министерката Шахпаска беше информирана дека до почетокот на новата грејна сезона клонот „Сончоглед“ со капацитет за 180 деца ќе има нова енергетска фасада. Реконструкцијата е во соработка меѓу Општината Кисела Вода и компанијата УСЈЕ. Ова е пример на добра соработка во интерес за подобро згрижување на децата, рече Шахпаска.