Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видеосредба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас. Во таа прилика, Мас му упати честитки за изборот на Османи и му посака многу успех во вршењето на новата должност, но и плодна билатерална соработка на две блиски и пријателски земји кои остваруваат интензивна економска и трговска размена.
– Одржувањето на првата Меѓувладина конференција, често користен технократски термин, има големо симболично значење за нашиот европски пат. Тоа ќе значи потврда на реформската определба и европскиот курс на земјата. Покрај политичката симболика, стартот на преговорите ќе значи почеток на најобемната и најкомплексната административно – техничка операција со која досега сме се соочиле. Тоа е сериозен предизвик за целото општество, а не само за Владата, во кое ќе мора да ги подигнеме своите перформанси и сите заедно како политичари, државни службеници, но и стопанственици, синдикати и претставници на граѓанското општество да ја сплотиме својата енергија и напори кон остварување на оваа цел – беше истакнато на разговорот.
Соговорниците заеднички констатираа дека завршетокот на 2020 година и претседателство на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса Северна Македонија, по членството во НАТО, да започне со исполнување на вториот државен стратешки приоритет, членство во ЕУ.
– Почетокот на преговорите ќе значи конвергенција на нашето општество кон правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија, цел која не претставува причина самата за себе, туку процес кој нуди можности за постепена интеграција, процес во кој од нас самите ќе зависи колку придобивки ќе обезбедиме за себе и во текот на самите преговори – истакнаа соговорниците
Министрите особено внимание посветија и на Берлинскиот процес, кој беше инициран од Канцеларката Меркел во 2013 година. Османи потенцираше дека заедничкото ко-претседавање со Бугарија на 10 ноември ќе претставува одлична можност успешно да се круниса овој процес, со значителни резултати и испораки во форма на Економско инвестицискиот план за целиот регион.