Македонија е правна држава во која законите важат подеднакво за сите. Ако некоја институција увиди прекршување на одредено законско решение, тоа треба прво да биде утврдено, а потоа и соодветно да се реши, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со споменикот во гостиварското село Симница.
Бошњаковски напомена дека овој споменик е изграден во 2006 година, што значи дека 12 години ова прашање не го покренал никој како спорно.
– Допрва треба да се провери на кој начин е поставен споменикот. Тоа што е важно е дека две децении на територијата на цела Македонија се поставувани разни видови споменици за кои не е преземено ништо надвор од кои било законски решенија. Во центарот на Скопје од минатата влада имавме споменици по осум метри кои беа надвор од законските прописи – подвлече портпаролот.
Владата, како што напомена, секогаш и во иднина ќе постапува согласно Уставот и законите.