Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска се сретна со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп со кого разговарале за економската соработка меѓу двете земји, информираат од владината прес-служба.
Холандскиот амбасадор во воведните зборови истакнал дека Амбасадата на Холандија во изминатите години давала голема поддршка за спроведување на реформите и најавил дека поддршката за остварување на европските аспирации на Северна Македонија ќе продолжи и понатаму.
Соговорниците размениле мислења и за бизнис-климата во земјата, спроведувањето на антикризните мерки од трите сета и планирањето на четвртиот сет, како и за среднорочните и долгорочни планови на Владата, кои се важни за светските финансиски организации.
Битиќи посочил дека предвидливоста и владеењето на правото ќе бидат приоритети на Владата во наредниот период и дека ќе се креираат системски решенија со кои ќе се намалат бирократските процедури и ќе се отвори широк фронт против корупцијата, во насока на креирање на уште подобра и предвидлива бизнис-клима.