Климатските промени предизвикуваат влијанија кои имаат големи размери и предизвикот за адаптација расте со големината и стапката на климатски промени. Дури и најефикасното ублажување или митигација на климатските промени преку намалување на емисиите или зголемено отстранување на стакленичките гасови од атмосферата, не би спречило понатамошни влијанија на климатските промени, што ја прави потребата за адаптација неизбежна, нагласи вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Нарине Сахакјан, се обратија на иницијалната работилница за изработка на Националниот план за адаптација на климатски промени, кој ќе се изработува со учество на сите засегнати страни во општеството.
– Ние мора итно да ги зголемиме инвестициите во адаптација на климата, особено да подготвиме решенија кои ќе се засновани на потребите на природата, за да изградиме поотпорни општества, економии и екосистеми. Климатските промени имаат потенцијал да ги дестабилизираат и економиите и општествата, соединувајќи други еколошки предизвици и поткопувајќи ги напорите за одржлив развој. Ова прилагодување вклучува многу области како што се инфраструктурата, земјоделството, здравството, економијата, образованието и друго. Затоа, разбирањето на врската помеѓу климатските промени и другите сектори е важен дел од нашата работа – подвлече вицепремиерот.
Осврнувајќи се на законите на природата, тој нагласи дека адаптацијата на климатските промени е клучен предуслов за опстанок и преживување на видовите, а тој принцип се пресликува и во бизнисот, но и во било кој сегмент од живеењето: најиздржливите и прилагодливи тимови успеваат повеќе од оние кои се крути и не сакаат да се менуваат.
Министерот Нуредини потенцираше дека аспектот на адаптација е подеднакво важен како и аспектот за ублажување на климатските промени.
– Подготовката и усвојувањето на Националниот план за адаптација како еден од најважните документи при планирањето се предвидени и во Нацрт-законот и Долгорочната стратегија за климатска акција – подвлече министерот Нуредини во воведното обраќање, дополнувајќи дека МЖСПП иницираше и процес на воведување на систем за следење/известување и верификација како алатка која ќе го следи напредокот во однос на националните климатски цели и спроведувањето на политиките и мерките за ублажување и прилагодување, а исто така ќе ги евидентира и презентира климатските инвестиции во земјата.
Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Нарине Сахакјан рече дека кога станува збор за адаптација кон климатските промени, не постои „едно решение за сите“.
– Затоа сме денес тука, да осигураме дека со партиципативен и целосно транспарентен пристап предлогот за подготовка на Националниот план за адаптација кон климатските промени е заснован на приоритетите на државата, е во согласност со останатите секторски политики, е родово одговорен и ги зема во предвид интересите на ранливите групи – подвлече Сахакјан.