Академик Абдулменаф Беџети ја оцени како многу плодна денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.
– Ми останува да повикам на поддршка на оваа иницијатива, бидејќи знаеме колку е комплексно, колку е тешко да се влезе во ваков комплексен зафат. За поздравување е тоа што првпат, дури и при расправа за еден реформски зафат во основно образование, се повикуваат дури и институции од највисоки образовни и научни области како што се претставниците на МАНУ. Од оваа гледна точка навистина сите елементи беа разгледани, расправата беше многу плодна, конструктивна и би требало да биде проследена и од другите – изјави академик Беџети.
Тој укажа дека има голем консензус во тоа дека проблемите во образованието и образовниот систем почнуваат во основно образование, а како последица ги има и во високото образование.
– Се чудам дека има сé уште такви кои размислуваат со резерва и на некој начин со предрасуди за да не се влезе во почетни промени во овој дел. Не само дека тоа е законска обврска, која произлегува од веќе донесениот закон пред две години, туку е определба да не се задоцни – нагласи Беџети.
За академиците рече дека останува да дадат конструктивен придонес за реформата да се одвива во најдобар тек.
– Дури и најдолгите патишта почнуваат со првите чекори. Ова се само први чекори на влегување во еден многу тежок и комплексен систем, а министерството, работната група и сите чинители во тој дел, на чело со Бирото за развој на образованието многу јасно ги препознаваат овие проблеми и знаат дека и решенијата не се така едноставни, туку тие се доста комплексни од сите аспекти. Почнувајќи од педагошки аспект, од ресурси, од инфраструктура и суперструктура на образование, па сè до резултати на учење коишто треба да произлезат од ова – рече академик Беџети.