Повеќето истражувања чии резултати беа соопштени деновиве покажуваат дека македонската младина перспективата ја гледа надвор од границите,
бидејќи не очекува промена на состојбите во земјава во годините што следуваат
Неможноста да се вработат според квалификациите, лошиот образовен систем, широкораспространетата корупција и партиски вработувања, како и енормното загадување на воздухот, се дел од причините поради кои сè повеќе млади од Македонија заминуваат или размислуваат да си заминат од државата. Повеќето истражувања чии резултати беа соопштени деновиве покажуваат дека македонската младина перспективата ја гледа надвор од границите на земјава, бидејќи не очекува промена на состојбите во земјава во годините што следуваат.
Меѓу еден од показателите за ваквата констатација се и податоците од истражувањето насловено „Апатија, оптимизам или разочараност?“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Младински образовен форум (МОФ), кои покажуваат дека само три отсто од младите во Македонија се задоволни од своето место во општеството.
Друго, пак, истражување објавено во престижниот весник „Економист“, покажува дека во 2018 година невработеноста меѓу младите во Македонија на возраст од 15 до 24 години била 44,7 отсто, со што земјава се доближува до земјите од третиот свет.
И состојбите во образованието се една од причините младите да се одлучат да заминат, бидејќи ова што го добиваат тука како знаење е недоволно за да бидат подоцна конкурентни на пазарите на трудот, а неможноста потоа да се вработат според струката е дополнителен мотив за заминување.
– Ние во моментот произведуваме многу повеќе луѓе што имаат парче хартија дека завршиле нешто, но тие се беспомошни по излегувањето од факултет на пазарот на труд, бидејќи или немаат никаква вештина или имаат вештини што не се барани во денешно време и надвор од нашите граници – рече македонскиот претседател Стево Пендаровски на презентацијата на Извештајот за човековиот развој 2019 година, изработен од УНДП.
Наспроти овие отрезнувачки факти, како што ги нарече претседателот Пендаровски, се неисполнетите ветувања на сите досегашни политички гарнитури, во кои младите веќе не сакаат да веруваат.
– Завршив средно училиште тука, но сакам да добијам диплома од некој факултет што ќе се цени во целиот свет и ќе можам да работам секаде. Кај нас единствен услов за вработување најчесто е партиската препорака. Јас никогаш не сум била член на партија и нема да бидам, бидејќи размислувам со своја глава и не сакам некаков партиски лидер да ми кажува какви политики да поддржувам. Не сакам да живеам во партиска држава, туку во европска и функционална Македонија, каде што ќе се цени квалитетот на луѓето – вели Оливера Гроздановска, студентка.
Според активистите во младинските организации, државата е таа што треба да направи многу и да понуди можности за да ги задржи младите со тоа што ќе ги вклучи во носењето одлуки што се важни за нивната иднина.
– Младите треба да бидат високо на листата на приоритети на националните и локалните власти, образовните институции, граѓанските организации, како и на медиумите за да се поддржи нивното активно учество и да се слушне и нивниот глас – вели Стефани Спировска, претседател на Младинскиот образовен форум.
Таа додава дека со години младите во земјава се третирани како проблем на кој му треба решение и дека таквата перцепција треба да се промени.
Според годинешниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“, четвртина од населението во Македонија или приближно половина милион веќе ја напуштилo земјата во изминатите години.