Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во наредниот период ќе спроведе засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната, најави денеска директорот на АХВ Зоран Атанасов.
Засилените контроли, како што рече Атанасов на денешната прес-конференција, доаѓаат по откривањето во мај годинава на 550 килограми ГМО ориз произведен во Кочанско од увозно семе и присуство во увозни соини трошки и шницли од Србија.
– Оризот е произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот, но се уште не се знае кој е неговиот производител. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице – рече Атанасов.
Во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додаде, ќе се вршат контроли кај увозниците на семенски материјал за да се утврди од каде е увезено сомнителното семе.
– Соините трошки и шницли кај кои со првичните испитувања се утврдило дека содржат ГМО се увезени од Србија. Целата откриена колична од 510 килограми е повлечена од продажба – рече Атанасов.
На барање на увозникот „Виталиа“ во моментов се врши суперанализа во референтна лабораторија.
– Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа – потенцира Атанасов.
Во Европската унија, како што вели е дозволено консумирање на храна со ГМО, но нејзиното присуство треба да биде истакнато на декларацијата. Слично било и во Македонија до 2015 година, кога, како што кажа, преку ноќ е донесена политичка одлука да се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата.
– Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно – истакна Атанасов и прецизира дека граѓаните не можат да препознаат која храна е со ГМО од нејзиниот физички изглед.