Одбегнувајте храна што сменила боја, купувајте сладолед од сигурни продажни места, а пред консумирање проверете ги изгледот, мирисот, вкусот и рокот на употреба. Месото, млекото и јајцата чувајте ги во фрижидер, а овошјето и зеленчукот мијте ги добро, се само дел од препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за да не дојде до труење во летните месеци.
АХВ предупредува дека продажните објекти за брза храна и слаткарниците се во категорија „висок ризик“.
– Внимателно читајте го означувањето. Ако сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, фрлете ја. Јадете и купувајте на проверени места, со добра репутација, во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник, мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи,…, додека при пазарењето избегнувајте храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната). Месото, млекото и јајцата не ги чувајте долго време во автомобилите – нагласува АХВ.
Агенцијата посебно го истакнува значењето на хигиенската манипулација по купувањето на храната, како и нејзиното чување.
– Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од пет степени целзиусови, а топлата на температура повисока од 60 степени, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, да се чува во фрижидер – потсетува Агенцијата.
Важно е и во текот на подготовката на храната да се врши често миење на рацете. Во фрижидерите на најгорните полици треба да се чува зготвената храна, а суровата на подолните. Внимание треба да се посвети и на заштита на храната од инсекти и глодари зошто тие може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни треба да се внимава да не бидат во контакт со храната која се подготвува.
– Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставиле во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, порачува Агенцијата за храна и ветеринарство.