Државната комисија за спречување на корупција ќе побара од Владата да ги преземе сите активности за да ги одземе ингеренциите на Општина Охрид, Општина Струга, како и Дебарца и таа да ги урива дивоградбите. Причината, според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, е премалата сума која Охрид во 2019 година ја има одделено за ангажирање на фирма која треба да ги урне дивоградбите.
– Општина Охрид, во 2019 година има еден договор со еден оператор и тоа од 1,5 милиони денари со пресметано ДДВ. Сметаме дека тоа е премал износ, ДКСК ќе упати барање до Владата да ги преземе сите активности, за да ги одземе ингеренциите на сите општини, кои се во овој регион по заштита на УНЕСКО и да се справи со бесправно изградените објекти. Со овие средства може да се урне една дивоградба, а тоа упатува кон тоа дека има селективен пристап. Овој регион е под заштита на УНЕСКО и мислам дека Владата треба да ја преземе надлежноста и да заврши со бесправно изградените објекти – кажа Ивановска.
Минатата година, ДКСК поведе постапка и побара да се поништи тендерот за избор на фирма која требаше да ги урива дивоградбите, бидејќи јавната набавка ја доби фирма која се поврзуваше со охридскиот советник Нефи Усеини. Тогаш, антикорупционерите кажаа дека службено лице не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на семејството.
Во Охрид, според регистарот на општината, беше утврдено постење на 1.076 дивограби, од кои 409 во заштитено подрачје. Од нив, две се на охридскиот советник, Нефи Усеини кој без дозвола изгради бетонска база и летна тераса за пицерија кои со месеци стојат нечепнати.