Фото: Дарко Андоновски

Растот на економијата и развојот на инфраструктурата избиваат во прв план

Владата на својот форум истакна дека постојат и „алтернативни патишта за интеграција“ и тоа од инфраструктурен аспект, во пакет со економскиот раст, кои силно ќе ги динамизираат нашето посакувано поврзување и придружувањето кон високоразвиените држави. На владиниот форум таа претстави поенергична динамизација на стопанството и на земјоделството при што, според премиерот и министрите, планираните програмски мерки, во пакет со инфраструктурните проекти, би требало да дадат забележителни позитивни резултати

Во деновите меѓу добивањето на извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите и (сепак) продолжената неизвесност за добивање на датумот за почеток на преговорите со ЕУ, како и најавите и ветувањата за реконструкција на владиниот кабинет, македонската влада стигна до средината на својот мандат. Владата на чело со премиерот Зоран Заев, на 3 јуни ги одбележа двете години од своето владеење и на несекојдневен начин, почитувајќи го својот принцип на транспарентност и отчетност, на своевиден форум ги посочи насоките на своите заложби во остатокот од мандатот. Покрај општите заложби за поголема одговорност, продолжување на реформите, заокружување на евроатлантските интеграции…, Владата вети дека во наредниот период силно ќе се фокусира на: подобрување на условите за бизнис и забрзување на економскиот раст, да не дозволи да има случаи во кои ќе биде жртвувана правдата, да покаже нулта толеранција против корупцијата, да им ја врати довербата на граѓаните во институциите, да ги спроведе реформските закони што ги покриваат проблемите на ранливите групи во општеството, како и да го реформира образованието и да одвои повеќе финансии за културата.

Стопанството, економијата и инфраструктурата во фокусот

Реакциите во јавноста по изнесеното на форумот на Владата не изостанаа. И како што е веќе вообичаено кај нас, оцените за одредени политички и економски процеси и состојби, од перспектива на власт и опозиција се дијаметрално различни. Сепак, за вистинска оцена на работата на Владата во изминатиот двегодишен мандат е потребна објективност, втемелена на аргументи.

– Повеќе од јасно е дека оваа влада во досегашниот двегодишен мандат повеќе беше насочена спрема политичките отколку на економските прашања. Одреден прогрес се забележува во однос на медиумските слободи, но во однос на владеењето на правото останавме на истото ниво. Судството едноставно само си го смени „газдата“, а не се случува ништо во борбата против организираниот криминал, корупцијата, непотизмот – вели професорот Јове Кекеновски.

Дека навистина премиерот и Владата до скоро имаа еден (фаворизиран) политички адут, односно „играа на картата“ дека од скоро реформите во функција на економски развој добиваат приоритет, говори и последната изјава на премиерот во Брисел. Но од друга страна, премиерот истакна дека неисполнетите ветувања пак од страна на ЕУ, значително ќе го намалат нејзиниот кредибилитет.

– РС Македонија испорача за пример сто проценти реформи, нема незатворени билатерални прашања, ние сме светол пример во регионот и доказ за моќта на привлекување на ЕУ – изјави премиерот Зоран Заев, но истовремено и предупреди дека неиспорачувањето од страна на Европската Унија во најбрз можен рок го става во опасност кредибилитет на Унијата на Балканот.

Бизнис-заедницата недвосмислено тврди дека клучот за интеграции е во економскиот раст

Во истиот контекст, за издвојување е дека премиерот во неколку наврати, имаше отворени настапи во врска со неопходноста за што посилна примена на мерките, кои ќе го зголемат економскиот раст, ќе ги подобрат стопанството, реалната економија и земјоделството. Бизнис-заедницата со своите предлози, особено стопанските комори, дадоа посебен импулс за владините заложби.

Во таа насока Владата на својот форум истакна дека постојат и „алтернативни патишта за интеграција“ и тоа од инфраструктурен аспект, во пакет со економскиот раст, кои силно ќе ги динамизираат поврзувањето и придружувањето кон високоразвиените држави. На владиниот форум таа претстави енергична динамизација на стопанството и на земјоделството, што во пакет со инфраструктурните проекти би требало да дадат забележителни позитивни резултати.

– Владата како свои цели за брза реализација ги поставува проектите: „Македонија мегалополис“, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри, за не повеќе од 90 минути, „Македонија без црни точки“, „Македонија без кал“, беше истакнато на форумот. Исто така беше најавено (што е забележано и во програмата на Владата) и формирање компанија со доминантна државна сопственост (51 отсто), преку која ќе се реализираат инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија и вложување на 10 милијарди евра во текот на 10 години во 3 приоритетни инфраструктурни проекти.

– Преку овие инвестиции, Владата ќе обезбеди изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта – пишува уште во владината програма.
– Општо земено, може да се каже дека во изминативе две години состојбите во општеството малку се подобрени, но сепак се далеку од ветувањата на оваа Влада – вели професорот Јове Кекеновски.

ДЗС објави раст на БДП за 4,1 отсто во првиот квартал годинава

Најновата информација е дека Државниот завод за статистика за првиот квартал од годинава објави раст на БДП од 4,1 отсто. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев тврди дека тоа што го објави ДЗС се темели на реалните состојби во економската сфера. Тој порача дека очекува раст на БДП и натамошен пад на невработеноста.

– Тоа го засновам врз основа на реалните бројки што ги гледам во економијата, а тоа се зголемување на извозот, раст на инвестициите, намалување на невработеноста – изјави Анѓушев.

И премиерот Заев, вчера, во Домот на АРМ на средба со пензионерите, прв го обелодени податокот за значајниот исчекор за растот на БДП во првиот квартал, додавајќи дека кога економијата расте над четири проценти и го следи потенцијалот за натамошен раст, тогаш и пензиите ќе растат, и тоа е фер, издвои премиерот во своето обраќање.


Премиерот Заев, со најава за 4,1 отсто раст и покачување на пензиите

Фото: Дарко Андоновски

Инспириран од податокот за растот на БДП, премиерот Заев на републичката пензионерска ревија на песни, музика и игри 2019 г., која се одржа вчера во АРМ, им вети на пензионерите и пораст на пензиите.

– Кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат, и тоа е фер. БДП за првиот квартал од оваа година е 4,1 отсто, што значи дека ќе има динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што од првиот квартал 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе. Фондот за пензиско во приходите расте со 8 отсто, а тоа значи покачување на вашите пензии – рече премиерот Заев.

Владата годинава првпат се јавува како покровител на оваа традиционална пензионерска манифестација, на која се негува македонската традиција и на која учествуваа над 550 пензионери од целата држава.