Иако веќе неколку недели возачите го користат автопатот Миладиновци – Штип, денеска Владата организира свечена церемонија за негово официјално пуштање во употреба.
– Треба да бидеме горди бидејќи завршивме со изградба на еден импозантен капитален проект, а тоа е автопатот Миладиновци-Штип. Со тоа граѓаните добија безбеден автопат со што ќе го скратат патувањето за триесетина минути, а воедно создадовме услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки и услуги што е важен предуслов за инвеститорите да ја мапираат нашата земја како стабилна бизнис дестинација – истакна премиерот Зоран Заев.
Тој во своето обраќање потенцираше дека ова автопатско решение е од огромно значење, посебно за источниот регион на земјата со што се овозможува побрз превоз на стоки и патници, а од друга страна заради рамномерниот регионален развој, отворање на нови фабрики и нови вработувања. Додаде дека во следниот период, преку ЈП за државни патишта ќе бидат засадени 600 илјади садници долж автопатот.
Вкупната должина на автопатот Миладиновци-Штип изнесува 47 километри. Има седум клучки, а вкупната инвестицијата е 177,3 милиони евра.
Руиџун Џанг, претставникот од компанијата „Синохидро“, потенцираше дека компанијата ја користела својата напредна технологија и ресурси и во соработка со партнерите од Македонија успешно го завршила овој проект, кој ќе стане симбол на партнерството меѓу Македонија и Кина.