Родителите и старателите не треба да имаат сомнеж дали со промените што почнуваат од оваа учебна година ќе се постигне подобар ефект во однос на знаењето на учениците. Во тоа треба да сме сигурни затоа што овие промени не се избрзани и не се направени во мојот кабинет или во Владата. Овие промени се направени во согласност со препораките на УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светската банка, а во консултација со сите засегнати фактори, со експертската јавност и, најважно, со наставниците што се наши најголеми сојузници во процесот на трансформација на образовниот систем. Тие се мотивирани да работат по новата концепција и наставата веќе станува поинтересна.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, за време на денешната посета на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош, каде што заедно со градоначалникот на општината, Стефан Богоев, направи увид во условите и текот на наставата.
„Наставниците се најважниот фактор за целта на промените да биде постигната. И затоа нив ги вклучивме директно во креирањето на тие промени, организиравме обуки, обезбедивме дидактика и нагледни средства, а воедно и ги подобривме условите за работа во многу училишта во кои требаше да се интервенира, така што верувам во успех бидејќи тие се сојузници на институциите на системот на патот кон создавање современ образовен систем, кој ќе можеме да го споредуваме со системите во поразвиените земји и ќе се гордееме со резултатите што ги постигнуваат нашите ученици“, рече Царовска.
Додаде дека друг важен услов за успешни реформи е наставата да се одржи во училиштата колку што е можно подолго бидејќи, како што рече, сите други облици на настава овозможуваат формално реализирање на учебната година, но не може да го понудат она што го има наставата во училница и ниедна друга комуникација не може да ја достигне вредноста на непосредната комуникација наставник – ученик.
„Затоа, постојано апелираме на одговорно однесување и доследно почитување на здравствените протоколи, кои предвидуваат задолжително да се носат маски на затворено, дезинфекција на рацете, мерење телесна температура при влез во училиштето и често проветрување и одржување на хигиената во училишните простории. Состојбата во училиштата за сега е стабилна и дневно се следи од надлежните здравствени институции и доколку постои аларм дека треба да се оди кон промена на моделот, образовниот систем ни е подготвен тоа веднаш да се направи, односно да се премине на онлајн-настава, а за ова одлучува Комисијата за заштита од заразни болести“, рече Царовска.
Информира дека според податоците што МОН ги добива на дневна основа од училиштата, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,02 % од вкупно 240 илјади ученици, но и дека бројката е динамична и постојано се менува бидејќи едни оздравуваат од вирусот и се враќаат на училиште, а други што добиваат позитивни тестови одат во изолација.