Поради потребата за поефикасна соработка меѓу Државниот инспекторат за животна средина и граѓанскиот сектор, која ќе придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето, на денешната прес-конференција организирана од Институтот за комуникациски студии беа претставени формирањето и надлежностите на Граѓанскиот инспекциски совет.
На прес-конференцијата се обратија директорката на ДИЖС, Ана Петровска, Лилјана Поповска од Зелен институт, Невена Георгиевска од О2 Иницијатива и Роберто Паризов од Еко живот – Кавадарци.
– Имплементацијата на законодавството во Македонија е на многу ниско ниво. Водниот ресурс се користи нерационално и не ја добива адекватната заштита како медиум на животната средина. Нема институционален капацитет и опрема за имплементација, а и недоволно се одвојуваат финансиски средства од државниот буџет за имплементација на законодавството. Во оваа насока инспекцискиот надзор претставува важен сегмент, но и покрај сериозните загадувања на животната средина, институциите немаат доволно капацитет да се справат со нив брзо и ефикасно, пред сѐ поради симболично малиот број инспектори и стручни кадри. Неопходно е вработување на потребните човечки ресурси, поставување современи електронски бази на податоци и овозможување слободен проток на информациите од јавен карактер – истакна Дејан Андонов, програмскиот координатор во ИКС, во воведното обраќање на прес-конференцијата.
Поради тоа, група од 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции во соработка со ДИЖС, во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“ формираа Граѓански инспекциски совет.
– Кампањата „Разбистри сѐ“ се покажа како извонредна алатка за вклучување на граѓанските активисти и за влијание на институциите за поодговорно вршење на своите работи и спроведување на законите. Токму поради тоа „Зелениот институт“ дојде до идеја за иницирање на ваков Граѓански инспекциски совет, кој ќе треба да работи на подобрување на ефектите од работењето на ДИЗЖ. Целта е да се влијае врз ДИЗЖ, меѓутоа и врз другите јавни институции поврзани со оваа проблематика, во насока на подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето – наведе Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.
Според структурата, Граѓанскиот инспекциски совет е мрежа од граѓански организации со координативно тело, која е предвидено да функционира преку редовни состаноци и средби со ДИЖС, и со најмалку едномесечни средби на самиот совет. Советот треба да има увид и можност за влијание во работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на комплицирани случаи, доколку е потребно да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции кои не постапуваат според законите за животната средина, а притоа да ја известува јавноста за активностите и проблемите со кои се соочуваат.
– Една од првите активности како инспекциски совет ќе биде законот за инспекција во животна средина, кој веќе пет години е заглавен, така што нашата активност ќе биде насочена во учество на граѓанските иницијативи во неговата финална изработка и негово изгласување. Други активности зависат и од тековните работи на ДИЖС, кој постојано ќе нѐ известува за нивната работа, и според нивните одлуки ќе увидиме како тие се справуваат на терен. Ние не сме тука само за да ги критикуваме, туку и да ги поттикнуваме да ја вршат својата работа – порача Георгиевска од О2 Иницијатива.
Според заменик-координаторот на граѓанскиот инспекциски совет, Роберто Паризов од Еко живот – Кавадарци, формирањето на советот е од голем интерес за граѓаните и животната средина, а иницијативата е наменета да биде присутна секаде каде што има кршење на законите за животната средина и потенцијално загадување на природата.
– Со ИКС инициравме активност да добиеме од општините списоци на одобрени елаборати за животна средина од страна на градоначалниците, се со цел да ја прошириме нашата електронска база на податоци за да имаме подобар увид каде локалните служби и инспекциски надзор треба да бидат поефикасни. ДИЖС е отворен пред јавноста и известува редовно за својатата работа, а од неодамна е достапна и алатка за пријавување загадување во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“, преку која секојдневно добиваме пријави. Тие најчесто се во локална надлежност и ги проследуваме до надлежен овластен инспектор или друг надлежен инспекторат – објаснува директорката на ДИЖС, Ана Петровска.
Од јануари до 12 март, ДИЖС спровеле вкупно 407 надзори и издале 107 решенија, со кои што покажале зголемување на нивната ефикасност. Од почетокот на годинава тие се интензивно присутни на терен и работат на многу отворени случаи кои имаат јавен интерес. Петровска смета дека соработката со Граѓанскиот инспекциски совет е исклучително важна и може да помогне во активностите на ДИЖС.
– Граѓанските организации ќе имаат пристап до увид во пристигнатите пријави до инспекторатот за животна средина, и ќе добиваат известувања за нивното постапување, со што граѓанскиот инспекциски совет ќе се јави како контролен механизам во нашата работа. Очекуваме со нивната експертиза членовите на граѓанскиот совет да придонесат за намалување на загадувањето и за поефективен инспекциски надзор, за кој на редовните состаноци со координативното тело ќе се договараме што е приоритет и што Граѓанскиот сектор може да придонесе во работата – заклучува Петровска.
Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележува Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинашниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија. Граѓанскиот инспекциски совет при ДИЖС се формира на иницијатива на Зелениот институт во соработка со Институтот за комуникациски студии, во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“. В.Т.