КИЧЕВО

Проектот за ревитализација на Китино кале, вреден околу 660 илјади евра, е при крај. Се очекува целиот проект да се заврши до крајот на јануари следната година.

– Проектот што се гради со средства од Светската банка и 10 отсто општински средства, досега е завршен над 70 отсто и очекуваме во наредните месец, месец и половина целосно да биде завршен, се разбира ако тоа го дозволи временската состојба. Ако прошетате на калето, ќе видите дека е завршен поголемиот дел од работите на овој проект. Детското катче е целосно завршено заедно со пензионерското катче, шеталиштето со големата фонтана и летната ротирачка сцена забрзано се привршуваат, додека мултимедијалниот центар и урбаната опрема што се поставува на повеќе локации на калето се во самиот финиш – вели Дарко Белески, проект-координатор од Општина Кичево.

Сакајќи да ја задоволат својата љубопитност, граѓаните во голем број се искачуваат на калето и со исклучително внимание и задоволни од сработеното го напуштаат овој парк преполн со историја и многу настани од минатото.

– По подолг период одлучивме да го посетиме Китино кале и сами да се увериме колку е завршен овој проект, со кој се очекува целосна преродба на локалитетот и враќање на стариот сјај по што и надалеку е прочуен нашиот град. Содржини во овој проект има за сите возрасти, од децата до пензионерите, и тоа ќе му го привлече вниманието на секој посетител – рекоа младите Бојан Петрески и Велимир Лазарески, кои очекуваат калето во блиска иднина да биде вистинска мамка и за оние што поминуваат низ градот.

И кичевските пензионери деновиве можат да се забележат на калето и самите да се уверат до каде е стигнат овој проект, кој сите во градот со нетрпение го очекуваат да заврши.

– Во овој проект не сме заборавени ниту ние, бидејќи во пензионерското катче ќе може да играме шах или табла и еден дел од денот да го поминуваме тука, кога времето го дозволува тоа. Овој проект е навистина нешто најдобро што ќе му се случи на нашиот град во последно време, единствено ќе ги замолиме граѓаните да не ги оштетуваат реквизитите, кои за нивни потреби се поставени тука и да служат што подолго – вели Перо Тренески пензионер од најблиската населба до калето.