Не е вистина дека пациенти не се оперираат и системот на скопските клиники е во колапс, тврди министерот за здравство, Венко Филипче, по поплаки од пациенти дека не се закажуваат ургентни случаи за операција бидејќи медицинскиот кадар е на одмор.
Според Филипче, целокупниот програм се одвива нормално. Доктори и сестри користат одмори, бидејќи не се знае каков бран на вирусот може да има во Македонија на есен.
– Во тек сум, тоа не е вистина. Целокупниот програм се одвива нормално. Итните случаи, заедно со малигните, не запреа ниту во вонредната ситуација лани. Точно е дека добар дел од лекарите ги користат старите заостанати годишни одмори. Лекарите и сестрите не беа повеќе од година дена на годишен одмор. Заеднички став и порака е да се користат старите одмори сега до крајот на јуни и во летните месеци. Организацијата е направена за воопшто да не трпи редовното изведување на интервенциите. Фокус ставаме здравствените работници да се одморат, бидејќи не знаеме што не чека на есен. Можно е да имаме нов бран, нов силен притисок, тие луѓе заслужуваат одмор. Но тоа не значи дека програмот за операции трпи – рече Филипче.
Министерот посочи дека новата мутација може да биде позаразна од сегашната. Но, смета дека сите вакцини штитат од смртен исход или тешка форма на болеста.
– Нова форма на мутација која може да биде позаразна од сегашните активни е присутна насекаде. Но, што е многу важно, дека буквално сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Епидемиолошките анкети покажаа дека нема потреба од дополнителни мерки – додаде Филипче.