Според воените аналитичари, процесот за уништување на старото оружје е многу скап, па поисплатливо е тоа да се донира отколку да се уништи. Дали кај нас по пат на донација е влезен ваков воен отпад, кој сме го добиле бесплатно, па неговото уништување сега би нѐ чинело многу пари
Дали со влезот во НАТО, нашата војска ќе треба да ги исфрли од употреба и да ги уништи постариот арсенал на вооружување и опремата што сега активно и натаму се користат во АРМ, а се од југословенско потекло. Оваа дилема е актуелна во јавноста во периодот кога земјата ги изодува последните чекори кон членство во НАТО.
Во контекст на овие случувања, интересна е споредбата како соседните држави пред влезот во НАТО се справиле со оружјата што не се во согласност со стандардите на Алијансата.
Така, софискиот воено-политички аналитичар Костадин Костадинов потсетува дека со влезот во НАТО бугарската војска морала да го фрли целото оружје.
Според Костадинов, пред Бугарија да стане членка на НАТО била принудена да направи големи реформи во одбраната, а тоа, пред сѐ, се однесувало на оружјето што го користела бугарската војска во изминатите децении.
– Сето оружје било расходувано и префрлено во т.н. гробишта на бугарската армија, а таму сега скапуваат тенкови, авиони, хеликоптери и многу пушки – вели Костадинов.
Тој потсетува дека пред влезот во НАТО, бугарската војска имала 120.000 војници и 300 воздухоплови и 2.500 тенка, а сега има 20.000 војници, 30 летала и 300 оклопни возила.
Во Албанија, пак, во сличниот процес кога земјата се зачленуваше во НАТО, властите беа задолжени да го уништат сето старо и неупотребливо оружје заедно со 83.000 тони муниција, кои потекнуваат од комунистичкиот период и биле главно од кинеско производство, а за оваа цел на Тирана ѝ беа потребни над 35 милиони евра.
Последен пример од регионот е регистриран во Црна Гора. Според пишувањата на подгоричките медиуми, во 2017 година започнал процесот за отстранување на застареното оружје, а тоа бил проект на Фондот за демилитаризација на НАТО промовиран во државата од тамошните амбасади на Германија и на Велика Британија.
Весникот „Вјести“ информира дека за оваа акција се издвоени 700.000 евра, а целта е да се уништи оружјето на начин што гарантира безбедност за животната средина и црногорските граѓани.
Според медиумот, во целиот процес ќе се уништат 403 тони старо оружје на безбедна локација во државата.
Според изјавите на државниот врв, и нашата армија располага со застарена воена опрема, која земјата планира да ја модернизира и осовремени во наредниот период.
Во тој контекст за потсетување е дека со формирањето на нашата војска, тенковската единица практично беше формирана од првите денови, како тенковски вод што располагаше со пет тенка „Т-34“. Потоа со донацијата од Република Бугарија во јуни 1999 година за АРМ беа донирани 93 тенка „Т-55“, кои беа сместени во касарните во Прилеп, Штип и касарната „Илинден“ во Скопје. По кризата во 2002 година некои од овие стари бугарски тенкови, со согласност на Бугарија, беа продадени, а мал дел што сѐ уште е активен беше задржан во АРМ. Со зголемувањето на формацијата на војската оклопниот баталјон „Т-55“ беше трансформиран и него го наследи нов оклопен баталјон „Т-72-А“ опремен со посовремени тенкови, но и тие се стари повеќе декади и комплетно не ги исполнуваат стандардите на воената алијанса.
Пензионираниот генерал Митре Арсовски вели дека овие случувања се поврзуваат со политички определби на Алијансата со кои таа се обидува да наметне стандард во кој ќе се употребува единствено оружје, кое е произведено само во фабриките на земјите-членки.
Според него, нашата земја несомнено ќе се најде во позиција во која ќе мора да го осовремени своето оружје и да го уништи старото.
– Бугарските тенкови „Т55“ одамна се стопени во топилниците, но во арсеналот ние имаме големи количества оружја како застарени оклопни транспортери и топови на кои навистина им е дојден крајот на рокот на употреба и, најверојатно, тие ќе бидат првите што би се уништиле. Натаму, во моментов се користат тенковите „Т-72“, кои иако се со т.н. средна старост би можеле и натаму да се користат уште многу години доколку се осовременат за потребите на Алијансата – вели Арсовски.
Генералот истакнува дека уништувањето на ваквиот тип оружја и воена опрема е навистина скап процес и тешко може да се прогнозира во овој момент колку би ја чинело земјата.
Арсовски како пример ја истакнува практиката во минатото, со што уништувањето на едно вакво возило македонската, но и другите армии би можело да ги чини до 50.000 евра.
– На почетокот од процесот се прави процена и анализа на сообраќајот и на трасата по која треба да се движат оружјата. Натаму се најмува специјализиран воз со кој се врши транспортот на оружјата до местото каде што ќе бидат уништени. Потоа се ангажираат специјални експерти што ги ленгетираат оклопните возила, кои можат да тежат и до 40 тони односно, кои во тој процес внимателно и безбедно се пренесуваат до погоните или топилниците каде што ќе се уништат. Дури потоа, возилата или леталата се размонтираат и се сечат за на крајот тие да бидат стопени – вели Арсовски.
Според генералот, токму затоа цената за уништување на старото оружје е многу висока бидејќи процесот за оваа цел е многу комплициран и долг.
Од друга страна, докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека кога овој процес ќе дојде во нашата земја за оваа намена нема да се издвојат многу финансии бидејќи во најголем дел нашето оружје веќе ги исполнува условите на НАТО.
Тој истакнува дека главно во фокусот на замена на старото оружје ќе биде личното вооружување на армијата, кое во иднина треба да ги исполни стандардите за калибарот на цевките на оружјата, кој е 5,55 милиметри наспрема сегашните 7,62 милиметри, а другиот дел од воената опрема не е подложен на големи промени.
– Ние, за среќа, веќе имаме хеликоптери што ги исполнуваат стандардите на НАТО, па нема потреба од нивна замена за други летала. Кај некои од хеликоптерите веќе се монтирани израелски надградби на системите и тие комплетно се употребливи во секојдневието во сојузот. Тенковите, иако ни се застарени, верувам дека не би се уништувале бидејќи слични на нашите „Т75“ во моментов се користат и во повеќе други земји што се членки на Алијансата – вели Марковски.
Аналитичарот прогнозира дека кога ќе се случува процесот, нашата армија и држава нема многу да инвестираат финансии бидејќи ние одамна сме ги исполниле скоро сите барања на НАТО.