Во организација на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен денеска по шести пат симболично се одбележува Денот на раѓањето на Свети Јован Кристител – 7 јули или кај народот попознат како Иванден. Овој ден, според ресенчани, има посебно значење во преспанскиот регион.
Пред многубројните гости беше прикажан обичајот кој со децении наназад се практикува во Преспа. Според традицијата, на 5 јули се формираат групи од девојчиња кои ги посетуваат сите куќи од своето маало. Собираат брашно, масло, шеќер, грав и други продукти, кои на крајот се носат во една куќа. На 6 јули се прават повеќе обредни активности. Утрото почнува со берење камилица, која се користи за правење на куклата Иванка и се прави ручек во куќата каде претходно биле однесени продуктите. На 7 јули Иванден, кога е и крајот на ова празнување, куклата Иванка се растура на најблиската ливада.