Популаризација на културите на православните народи од Европа и збратимување на словенските народи, е целта на мисијата што пред себе ја имаат поставено членовите на мото-клубот „Ноќни волци“ од Русија кои и оваа година ја посетија Македонија во рамки на својата мотоциклистичка тура низ Европа.
Тие заедно со членови на збратимените мотоциклистички клубови од повеќе словенски држави во рамки на настанот наречен „Словенски свет“ денеска пристигнаа во Охрид, каде на почесниот амбасадор на Руската Федерација во Македонија Велимир Стојковски му подарија икона што ја донесоа од Русија.
– По патиштата сме од 20 јуни, тргнавме од Русија и преку Белорусија, Полска, Словачка, Унгарија, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија дојдовме тука во Македонија. Многу не интересира словенската култура и токму приближувањето на нашите култури, како и дружењето со колеги од сите словенски држави е целта на оваа наша посета тука – рече Евгениј Строгов, член на мото-клубот „Ноќни волци“, најголемата мотоциклистичка организација во Русија која меѓу другото е позната по блискоста што ја има со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.
Ненад Гвозденовиќ од Крагуевац истакна дека сите овие нивни активности се во насока на негување и зачувување на културата и традициите на словенските народи.
Преку дружење, посета на значајни историски локации, цркви, манастири, работиме на зачувување на братството меѓу нас како словенски народи, рече тој.
Ристо Меловски од македонскиот мото-клуб „Ноќни волци“ нагласи дека нивните активности воошто немаат политички предзнак, туку единствено се насочени кон обединување на сите словенски народи и православни земји.
– Размена на идеи, духовно зближување и обединување на сите православни народи е нешто што апсолутно нема никаква врска со политиката. Едноставно сакаме да се зближиме со луѓето со кои споделуваме исти вредности и традиции – истакна тој.
Фокусот на годинешната посета на „бајкерите“ на Македонија ќе биде Битола, каде ќе посетат повеќе културно-историски локации значајни за руската култура и традиција.