Според безбедносни експерти по различни прашања од безбедноста, но и надворешната политика, најмоќниот воен сојуз дејствува флексибилно и во зависност од околностите. Така, доколку се работи за заеднички активности на Алијансата, неопходно е да има консензус од сите членки за изведување какви било операции, борбени дејства и вежби, но доколку државите дејствуваат надвор од сојузот, правилата на Алијансата не важат. Интересно во случајот со Македонија, и покрај исполнувањето на сите стандарди, е што со консензус беше побарано да го смениме името
Колку НАТО-членките имаат заеднички став околу клучните позиции на Алијансата во меѓународната политика и дали сите сојузници еднакво и доследно ги почитуваат одредбите и правилата на воениот сојуз? Овие дилеми се наметнаа во јавноста откако регионалните медиуми најавија заедничка воена вежба на армијата на Албанија и безбедносните сили на соседно Косово, кои немаат статус на војска. Во прилогот на РТС се посочува дека припадници на војската на Албанија (земја-членка на НАТО) и косовските безбедносни сили неделава одржале заедничка воена вежба, чија цел била потрага и спасување на планините.
Притоа, албанската министерка за одбрана Олта Џака на својата фејсбук-страница соопштила дека на ваков начин, со спроведувањето на воената вежба и обука, се продлабочувала соработката меѓу Приштина и Тирана во различни области.
Претходничката на Џака во албанската влада, Мими Кодели, претходно изјавуваше дека преку воената соработка, Албанија и Косово заедно ќе реагираат на секоја вештачка националистичка провокација.
Од друга страна, челниците на НАТО досега во своите настапи јасно го проблематизираа статусот на косовката војска
За потсетување, во своето последно излагање генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека не е време Косово да формира војска и оти се можни последици од ваквиот чин.
– Намерата да се продолжи со трансформација на косовските безбедносни служби во војска не е потег во вистинско време и е спротивен на советите на НАТО-сојузниците. Тоа може да има последици врз евроатлантската интеграција на Косово – изјави Столтенберг по состанокот на НАТО за Западен Балкан.
Во таа насока се поставува и дилемата со какви структури практично НАТО изведувал заеднички вежби ако косовските сили немаат статус на армија и дали можеби ова претставува непочитување на правилата на Алијансата.
Во сублимиран заклучок, безбедносните експерти со кои се консултиравме велат дека по различни прашања од безбедноста, но и надворешната политика, најмоќниот воен сојуз дејствува флексибилно и во зависност од околностите. Тие додаваат дека доколку членките од НАТО воено дејствуваат надвор од рамките на сојузот и притоа не ја загрозуваат безбедноста, тогаш не треба да се придржуваат стриктно до ставовите на генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски оваа состојба на дејствување во НАТО ја објаснува на начин што вели дека кога се работи за заеднички активности на Алијансата, неопходно е да има консензус од сите членки за изведување какви било операции, борбени дејства и вежби, но доколку државите дејствуваат надвор од сојузот, правилата на Алијансата не важат.
– За НАТО-операции мора да има консензус и без него не можат да се извршат никакви операции. Но кога се работи на билатерални и трилатерални воени активности во кои членките на НАТО не ја загрозуваат безбедноста, тогаш тие не мора строго да ги почитуваат одредбите на сојузот. Таков на пример е сегашниот случај со Косово и Албанија, во кој нашиот западен сосед не мора да се придружува до ставот на генералниот секретар Столтенберг, бидејќи со воената вежба, која има хуманитарен карактер, не се предизвикани дополнителни негативни консеквенции по регионалната безбедност – вели Марковски.
Аналитичарот потсетува дека различниот став на сојузниците кон многу прашања од надворешната политика и безбедноста може да се препознае и во учеството на војските во воените операции.
– Имено, различниот пристап на сојузниците кон различните прашања од надворешната политика може да се види и во операциите на НАТО на Блискиот Исток, во кои доминираа припадниците на САД, Англија и Франција, а преостанатите членки едноставно не ги критикуваа, но не беа дел од воените акции. Таков беше и случајот со НАТО-бомбардирањето на соседна Србија, во кое на пример армијата на Грција одби да учествува директно со своите војници – вели Марковски.
Универзитетскиот професор Атанас Козарев се согласува со Марковски и додава дека сѐ додека војските на Албанија и Косово вршат хуманитарни активности, како во сегашниот случај, тие директно не ги прекршуваат ставовите на НАТО.
Професорот истакнува дека, сепак, поради осетливоста на самото прашање поврзано со процесот на формирање на војската на Косово, кое очигледно е поврзано со дијалогот што властите на Приштина го имаат со Белград, од вакви активности би требало да се воздржат политичарите во двете земји или да ги стават на минимум.