Комплетно е реновиран одделот за интензивна нега на Клиниката за неврохирургија, со што е зголемен капацитетот за околу 30 отсто.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека одделот каде што се лекуваат најтешките пациенти од цела Македонија, добил целосно нова опрема, посочувајќи дека е реновирана инфраструктурата, воведен е централен мониторинг на виталните параметри кај пациентите и поставена е централна климатизација.
– Тоа се работи кои сериозно го зголемуваат квалитетот на здравствената услуга, а со тоа и исходот од самото лекување – наведе Филипче.
Тој најави два новитета во Клиниката кои ќе бидат воведени следната година.
– Во оваа хируршка Клиника како и во другите хируршки Клиники во рамки на оваа зграда, со оглед на тоа што работат врвни експерти, секој во својата област, планираме да воведеме уште две нови методи во следната година, а тоа е прво хибридна сала која ќе има мобилен-подвижен ангиограф, нешто што го нема во земјите во регионот и роботот „Да Винчи“, за почеток на роботската хирургија -информираше министерот за здравство.
Директорот на Клиниката за неврохирургија, Владимир Рендевски посочи дека реновираната и реконструирана интензивна нега на неврохирургија претставува втора по големина интензивна нега во Македонија, истакнувајќи дека на годишно ниво згрижува по околу 700 лежечки пациенти.
– Извршено е просторно проширување за околку 30 квадратни метри и комплетно архитектонско преуредување на одделот на медицинскиот персонал и опсервација на пациентите, како и останатите простории – изјави Рендевски.
Тој додаде дека со тоа лежечкиот капацитет на Клиниката, што е направен според сите европски стандарди, е зголемен за околу 30 проценти.
– Има четири нови респираторни машини, а старите се целосно сервисирани – наведе директорот на Клиниката.