Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во рамките на работната посета на Република Унгарија се сретна со Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
– Како непосреден сосед на Западниот Балкан, Република Унгарија има директен интерес од европските перспективи на регионот, создавајќи стабилно окружување и во поширокиот дел на источна и југоисточна Европа, како основа за остварување на долгорочна безбедност и стабилност на целиот континент – истакна Османи.
Тој посочи на стартот на преговорите со ЕУ како суштински елемент не само за европските перспективи на Република Македонија, туку како јасен сигнал за европските перспективи на сите земји од Западниот Балкан кои ќе покажат соодветен напредок согласно европските препораки.
– Исклучително ја цениме досегашната поддршка од страна на Република Унгарија, не само во рамките на европските интеграции на земјава, туку и воопшто, за севкупниот развој, и во политичка и економска смисла – истакна Османи, упатувајќи благодарност до Министерот Сијарто за поддршката од страна на Унгарија за време на кризата со поплавите во земјата, како и активното учество во рамките на заедничките погранични патроли на јужната граница.
На средбата беа отворени и останатите теми кои ги поврзуваат двете земји, при што беше констатирана успешната и пријателска соработка за која соговорниците изразија надеж дека ќе се задржи и унапреди во периодот што претстои.
Во рамките на работната посета на Унгарија, Османи претходно оствари средба и со Саболч Такач, Државен министер за европски работи при канцеларијата на Премиерот и претставник на Република Унгарија во Европската Унија, каде централна тема беше поддршката на Унгарија во пресрет на претстојните самити на Европската Унија.
По Унгарија, Османи продолжува на работна посета на Хрватска, на средба со Министерката за надворешни и европски прашања, Марија Пејчиновиќ Буриќ, а ќе се сретне и со Претседателот на Комисијата за европски прашања во хрватското собрание, Домагој Иван Милошевиќ.