Давањето свечени изјави на новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК) пред претседателот на Собранието на Република Македонија што беше закажано за денеска е одложено.
Во соопштението од собраниската прес-служба не е наведена причината за одлагањето.
Привремениот шестмесечен состав на ДИК беше избран со 100 гласа „за“ експресно и без дискусија на 56. седница која се одржа во средата вечерта, по договорот што го постигнаа политичките партии и лидерите на средбата во понеделникот.
Претседател на ДИК е Оливер Дерковски предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а Дитмире Шеху од ДУИ потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.
Со формирањето на ДИК се создадоа услови за организирање на најавениот есенски референдум за името.