Според експертите, поставувањето нови пречки за патувањето на балканските жители во Европската Унија е само нов доказ дека нејзините врати се повеќе и повеќе затворени. За европските челници, пак, ова е уште еден важен чекор кон заштитата на надворешните граници на ЕУ
Граѓаните на трети земји што се ослободени од плаќање виза меѓу кои е и Македонија, од 2021 година ќе плаќаат седум евра за дозвола да влезат во шенген-зоната, предвидува договорот за Европскиот систем на патни информации и одобрувања, кој го потврдија неделава претставниците на земјите-членки на Европската Унија.
Ваквата донесена одлука е резултат на минатогодишните најави од Брисел, кои се однесуваат на новите правила за патување на државјани на трети земји во шенген-зоната. Одлуката според пишувањата во западните медиуми за да стане правосилна останува уште да мине кај Европскиот совет, што многу веројатно и ќе се случи наскоро.
– Ова е уште еден важен чекор кон заштитата на надворешните граници на ЕУ – рече бугарскиот министер за внатрешни работи, Валентин Радев. Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ потврдија дека договорот е постигнат меѓу бугарското претседателство на ЕУ и Европскиот парламент, кој се однесува на новите правила за патување на државјани на трети земји во шенген-зоната. Ваквиот чекор на Брисел станува нејасен и контрадикторен во исто време додека ЕУ деновиве јавно се залага за слободно движење во Унијата и брз влез на земјите-аспиранти од Балканот во европското семејство. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски за ваквата одлука коментира дека ова е уште еден доказ дека вратите за влез ЕУ на Балканот се затворени, а Македонија којзнае по кој пат е уценета со уште еден услов.
– Поставувањето нови пречки за патувањето на балканските жители во Европската Унија само е нов доказ дека нејзините врати се повеќе и повеќе затворени. Новите бариери секако ќе влијаат дестимулативно на нашите комуникации со Унија, а нема да придонесат ништо на безбедносен план што е всушност наводно нивниот главен мотив за оваа мерка. Наплатувањето, пак, дополнителни средства за патување во Европа е само цинизам и безобразлук на пребогатиот Брисел што се обидува од сиромашните земји да искамчи уште некое евро. Би било добро да се обединат сите земји што ќе бидат погодени од оваа мерка и да постават ултиматум. Ако тоа го направите и ние ќе наплатуваме визи за вашите граѓани. Тоа секако нема да се случи, но тоа ја покажува слабоста на сите овие земји и нивната ранливост од страна на Брисел – оценува Никовски.
Во меѓувреме од Европскиот совет наведуваат дека новиот систем ќе се применува на државјани на трети земји што се ослободени од виза.
– Системот ќе се применува на државјани на трети земји што се ослободени од визниот режим. Тие со пријава преку Интернет ќе мора да добијат дозвола за патување пред да влезат во шенген. За таква пријава поднесувачот на барањето ќе плати надомест за патување во износ од седум евра – вели Европскиот совет.
Претходно системот ЕТИАС го предложи Европската комисија во ноември 2016 година, а, како што се очекува, ако до крајот на оваа година добие согласност од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ, новиот систем би можело да стапи во сила некаде од 2021 година.
Во исто време Европскиот совет наведува дека ЕТИАС ќе овозможи претходни проверки и, доколку е потребно, ќе им одбие дозвола на државјани на трети земји што патуваат во шенген-зоната.
– Ова ќе помогне да се подобри внатрешната безбедност, да се спречи илегалната имиграција, да се заштити јавното здравје и да се намали доцнењето на границите со идентификување на лицата што може да претставуваат ризик во некои од овие области, пред тие да пристигнат на надворешните граници – додава Европскиот совет.
Како друг сегмент од новиот „визен режим“ се наведува дека дозволата ќе важи три години или до истекот на важноста на патната исправа во времето на пријавата.
– Информациите доставени во секоја апликација ќе се обработат автоматски преку соодветните бази на податоци на Европската Унија и Интерпол, за да се утврди дали постојат основи за одбивање дозвола за патување. Ако не се откријат елементи што бараат понатамошна анализа, дозволата ќе биде издадена автоматски и брзо. Се очекува дека ова ќе биде случај со повеќето апликации – се вели во соопштението на Европскиот совет.
Во случај на какви било сомнежи, работата на апликацијата ќе се префрли на рачна обработка од националните служби на земјите-членки. Понатаму, пак, за одбивање или одобрување патна дозвола ќе бидат потребни најмногу 96 часа од поднесувањето на пријавата. Ваквите мерки, како што беше претходно објаснето од европските челници, се воведуваат единствено како заштита на надворешните граници на Унијата.
Во Бугарија, која претседава со ЕУ, велат дека со потврдата од амбасадорите на земјите-членки е направен уште еден чекор во заштитата на надворешните граници на ЕУ.
– Договорот е уште еден важен чекор во заштитата на надворешните граници на ЕУ. Ако знаеме кој доаѓа во ЕУ пред да стигне до граница, ќе бидеме во состојба поефикасно да ги запреме оние што може да претставуваат закана за нашите граѓани – рече министерот Валентин Радев. Од друга страна, пак, во Брисел велат дека следните чекори подразбираат новата уредба да се достави до Европскиот парламент на гласање, а потоа и до Европскиот совет на усвојување, каде што, според најавите, многу веројатно ќе ѝ се даде зелено светло.