Новиот в.д. реис на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, посочи дека коронавирусот е вистински и опасен, за разлика од неговиот разрешен претходник, Сулејман Реџепи, кој го прогласи вирусот за мртов.
Фетаху пред новинарите кажа дека ИВЗ не е компетентна институција да зборува за вирусот, ниту, пак, сакаше да каже дали Реџепи е разрешен поради тоа што оженил млада жена или финансиското работење.
– ИВЗ од првиот момент е во служба со цел да замине оваа болест, која е вистинска, бидејќи сите компетентни органи потврдиле во целиот свет дека оваа болест постои и многу е опасна. И нема шега со оваа работа. Ние сме верска институција. Не сме компетентни да зборуваме дали е вистинска или невистинска. Ние одиме кон компетентноста. Институциите кои се професионални потврдиле дека постои, посебно по следните моменти, во неколку градови каде почнала да се шири со поголема брзина – рече Фетаху.
Според него, во сите џамии се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, потенцирајќи дека: „Во оваа борба, како ИВЗ, влеговме со зборовите ‘Страв не, но голема свест против оваа болест – да’. Мора да се бориме со сите сили оваа болест да се надмине“.
За разлика од Сулејман Реџепи, кој фрлаше клетви кон новинари, Фетаху сака соработка со нив, најавувајќи дека ќе биде транспарентен во тоа. Но, иако двапати беше прашен, тој одби да одговори за разрешувањето на Реџепи, ниту, пак, упати осуда за неговите постапки во минатото.
– Оваа наша средба не ја сметам како формалност која треба да се исполни поради куртоазија, напротив ИВЗ ја цени улогата на медиумите во општеството и ја изразува својата почит во придонесот на медиумите кога во прашање е информирањето и јавната дебата. Нашата институција чувствува должност да ги почитува правилата на транспарентност и во секој момент и пригода да им овозможи изворни информации на претставниците на медиумите, со единствена цел да си ги извршуваат своите задачи и должности на независен начин. Ние посакуваме и пријателства со вас новинарите, ние сакаме да ѝ се обраќаме на јавноста презентирајќи ги нашите успеси и презентирајќи ги нашите евентуални грешки и причините за тоа – додаде Фетаху.