Фото: Игор Бансколиев

По несреќата, во јавноста веднаш проструија неколку верзии за тоа што би било можна причина за кобниот настан. Се шпекулираше со наводен инфаркт на возачот или, пак, друга здравствена тегоба, потоа се спомнуваше пукната гума, како и друг голем дефект, но сите тие причини едноподруго беа елиминирани со нашето новинарско истражување, како и по разговорите со очевидци што биле присутни на местото на несреќата.

Од она што можеше да го забележи нашата екипа, според трагите на коловозот и на самиот автобус, а по консултација со сообраќајни експерти, со голема веројатност се наметнува една нова верзија за она што се случило.

Имено, според збирно собраните и анализирани информации, автобусот се движел со голема брзина кон Тетово, возејќи по десната коловозна лента. Очевидците укажуваат дека непосредно пред благиот свиок надесно, во атарот на селото Ласкарци, автобусот во обид да претекне патничко возило, кое се движело со помала брзина, нагло свртел преминувајќи на левата сообраќајна лента. Токму за овој момент се појави и нова шпекулација, дека наводно воланот се блокирал и поради тоа возачот не можел да го врати автобусот во саканата траекторија. Во обидите да го стори тоа, наводно му помагал и еден од патниците, но без успех.

Во тој момент возачот ја загубил контролата врз автобусот, удрил и ја пробил заштитната ограда, прешол на спротивната сообраќајна лента од автопатот, се превртел и паднал преку потпорниот ѕид од автопатот, на локалниот пат за Скопје, завршувајќи превртен на покривот во блиската нива.

Истрагата што е во тек ќе треба да открие која е вистинската причина за несреќата и дали теоријата на сообраќајните експерти, втемелена на трагите од теренот и искажувањето на наши извори, е точна.


Гумите на автобусот не се причинител на несреќата

Веднаш по трагичната сообраќајна несреќа во јавноста се прошири шпекулација дека наводно му пукнала гума на автобусот и оти тоа е причината за трагедијата. Но при нашата посета на местото на несреќата, можевме да се увериме дека ваквите наводи се невистинити. Имено, сите гуми на автобусот беа целосни и неиздишани, а ниту на асфалтот, ниту пак на другите површини каде што се излизгал автобусот, немаше траги од бандажите, што би се случило ако експлодира гума.
Впрочем и нашите фотографии од остатоците на автобусот го потврдуваат ова.


Автобусот е регистриран на 3 јануари 2019 година

Автобусот од марката „сетра“, модел „С 317 6 икс ХД“, на компанијата „Дурмо турс“, со темноцрвена боја, со кој се случи несреќата, според информациите што ги доби „Нова Македонија“, последен пат е регистриран на 3 јануари 2019 година.
Автобусот, кој има 59 седишта, е регистриран на почетокот на оваа година, што наведува дека тој бил технички исправен.
Во врска со шпекулациите за годината на производство и бројот на изминати километри, се консултиравме добро упатени извори што се занимаваат со технички преглед и исправност на автобуси. Од нив добивме појаснување дека годината на производство на автобусот не е пресудна за исправноста на возилото. Кај нив честопати се случува да се менуваат цели компактни целини, мотори, подвозје, така што се случува некој постар модел да е „освежен“ со нови делови и да биде во подобра кондиција од некој со понова година.
Сепак, укажуваат експертите, токму поради тоа, но и за да се обезбеди сигурност на патниците, возилата што пренесуваат патници, како што се автобуси, такси-возила и слично, подлежат на вонредни технички прегледи на шест месеци.


„Возачот беше свесен и демантирам дека имал здравствени проблеми“

Вчераутро, кога нашата екипа го посети местото на несреќата, имавме можност одблизу да ги видиме последиците од неа. Автобусот беше видливо оштетен, а делови од него, како и делови од багажот и гардеробата на патниците, сѐ уште беа расфрлани во околината. Покрај големиот број жители на околните места, тука беа присутни и дел од луѓето што учествувале во извлекувањето на настраданите веднаш по несреќата. Очевидец на настанот, кој тврди дека претходната вечер тој го транспортирал возачот на автобусот во болница, даде изјава за „Нова Македонија“.
– Несреќата се случи на 20 метри од мојата продавница. Внатре бевме десетина луѓе и кога го слушнавме силниот звук, веднаш се упативме да им помогнеме на унесреќените. Сликата беше мачна за гледање, но ние веднаш почнавме со укажување помош на настраданите. Јас го зедов возачот на автобусот и го однесов во болница во Скопје. Возачот беше свесен цело време и најодлучно тврдам дека воопшто не станува збор за негова влошена здравствена состојба како причина за сообраќајната несреќа. Причините треба да се бараат на друга страна.


Седуммина повредени се во критична состојба

Седум патници, како што истакна министерот за здравство Венко Филипче, сѐ уште се во критична и тешка здравствена состојба. Четворица од нив се од болницата „8 Септември“, а тројца се од Ургентниот центар. Вкупно се повредени 37 лица, од нив двајца се во тетовската болница, 29 лица се во ГОБ „8 Септември“ и шестмина во Клиничкиот центар. Според изјавите на директорот на Ургентниот центар, Илир Хасани, на Ургентниот центар две лица се борат за живот на интензивната нега. Тие завчеравечер биле оперирани. Меѓу нив има и една трудница, која е во стабилна состојба, иако е со повреди на ’рбетот и на главата. Таа е префрлена на Клиниката за гинекологија и акушерство, на понатамошна опсервација. Возачот на автобусот е пуштен на домашно лекување. Како што истакна директорот на болницата „8 Септември“, Кристијан Костов, кај возачот по извршените прегледи биле констатирани телесни повреди, но бил пуштен на домашно лекување.