ЈАНУАРИ
4.1.2018
Светска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Бразил
Играниот филм „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил. „Бикини Мун“ е петтиот игран филм на Манчевски, кој македонскиот режисер во целост го сними во Њујорк со меѓународна екипа. Станува збор за современа трагедија за жена што била војник во Ирак, а по враќањето живее како бездомничка на улица во Њујорк. Бидејќи е ментално нестабилна, ѝ ја одзеле ќерката.
11.1.2018
Изгласан Законот за употреба на јазиците
Собранието го изгласа новиот закон за употреба на јазиците со 69 гласа „за“. Предлог-законот за употреба на јазиците содржи 25 члена. Тој предвидува во сите органи на државната власт во Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања во согласност со законот и други институции службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да е и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, на начин определен со овој закон.
16.1.2018
Убиен лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ
Лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ (64) беше убиен во Косовска Митровица, откако врз него беше пукано пред просториите на неговата партија Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда. Напаѓачите од заседа отвориле оган и го погодиле Ивановиќ со пет куршуми, според српските медиуми. Ивановиќ подоцна им подлегнал на повредите. Автомобилот со кој бегале убијците бил пронајден запален.
25.1.2018
Мајка и четири деца загинаа во пожар во Тетово
Фатиме Зулбеари (38) и нејзините четири деца на возраст од 4 до 14 години загинаа во пожар што избил во нивниот дом во тетовската населба Певчина. Тие спиеле на горниот кат во куќата кога избувнал пожарот, при кој покривната конструкција целосно изгорела и паднала на нив. На долниот кат од куќата спиеле свекорот и свекрвата на загинатата Зулбеари, додека таткото на децата бил на работа за време на трагедијата. Од тетовската територијална противпожарна единица потврдуваат дека имале проблеми со приодот до опожарената куќа.
ФЕВРУАРИ
4.2.2018
Судири на демонстрантите на протестот за името Македонија во Атина
Спротивставените демонстранти се судриле во центарот на Атина за време на протестот на плоштадот „Синтагма“ против користењето на името Македонија од страна на нашата држава. Полицијата користела солзавец за да ги раздвои ривалските групи. Грчката полиција извести дека на протестот присуствувале 140 илјади граѓани. Истовремено беше одржан и контрапротест, поддржан од левичарски и од анархистички здруженија, на оддалеченост од еден километар.
6.2.2018
Владата го смени името на скопскиот аеродром
Владата на седница донесе одлука да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“, објави премиерот Зоран Заев. Се менува името и на автопатот „Александар Велики“ во „Пријателство“. Промената на имињата на аеродромот и на автопатот беше најавена по средбата помеѓу Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
6.2.2018
„Фалкон хеви“ на Илон Маск испрати автомобил во вселената
Компанијата „Спејс екс“ на Илон Маск, кој е и основач на производителот на електрични автомобили „Тесла“, ја лансира ракетата-носач „Фалкон хеви“ од вселенскиот центар „Кенеди“. Најсилната светска ракета, чија вредност изнесува 90 милиони долари, е проектирана да испраќа опрема, резерви од храна, вода и материјали во далечната вселена. Опремена е со 27 мотори и три дополнителни „бустери“. Во средиштето на „Фалкон хеви“ се наоѓа црвен спортски автомобил „тесла“, а зад воланот има кукла наречена „ѕвезден човек“.
9.2.2018
Заедничко дефиле на Кореите на отворањето на ЗОИ
Заедничкото дефиле на олимпијците од Северна и од Јужна Кореја измами најсилни аплаузи на отворањето на 23-те Зимски олимписки игри, во јужнокорејски Пјонгчанг. Повеќе од три илјади спортисти од 92 држави се појавија на свечената церемонија, придружувана со огномет, светлосни ефекти и корејска поп-музика. Нордискиот скијач Ставре Јада ја предводеше македонската делегација, во која беа вклучени и скијачите Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска.
11.2.2018
Двајца планинари од Македонија го загубија животот на Кајмакчалан
Калина Велевска и Александар Миновски загинаа на Кајмакчалан во планинската област помеѓу Македонија и Грција. Нивните безживотни тела биле пронајдени во раните утрински часови, откако претходно беше пријавено дека исчезнале. И двајцата беа дел од група од 50 планинари што се искачувале во областа Агиос Атанасиос. „Нова Македонија“ активно се вклучи во новинарско истражување на сите елементи од оваа трагедија, при што дојдовме до цела низа сознанија, од кои дел споделивме со јавноста веднаш по нивното утврдување.
14.2.2018
Седумнаесет жртви во оружениот напад во Паркленд
Најмалку 17 луѓе се убиени во оружениот напад што се случи во средно училиште во градот Паркленд, во американската сојузна држава Флорида. Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач бил приведен еден час по пукањето. Тој е идентификуван како 19-годишниот Николас Круз. Осомничениот вклучил противпожарен аларм за да ги извлече учениците надвор од училниците, по што отворил оган од автоматско оружје.
26.2.2018
Словачкиот новинар Куцијак и неговата свршеница пронајдени убиени
Словачкиот новинар Јак Куцијак (27) и неговата свршеница беа пронајдени убиени во нивниот дом во градот Велка Маца, источно од Братислава. Полицијата се сомнева дека нивната смрт е поврзана со написите на новинарот што се фокусираа на даночно затајување. Убиствата ги осуди и словачкиот премиер Роберт Фико, додавајќи дека Владата понудила награда од еден милион евра за информација што би помогнала да се откријат сторителите.
28.2.2018
„Ѕверот од истокот“ однесе десетици животи
Ударот на сибирскиот студ наречен „ѕвер од истокот“ усмрти 41 лице во Европа, вклучувајќи 18 луѓе во Полска, шест во Чешка и пет во Литванија, додека жртви имаше и во Франција, Италија, Чешка, Романија… Се затвораа училишта и се откажуваа авионски летови поради студот, а снегот и замрзнатите патишта го отежнуваа сообраќајот. Беа упатени повици за внимателност до бездомниците, а се отвораа и дополнителни засолништа за тие да се заштитат од студот.
МАРТ
4.3.2018
Доделување на филмските награди „оскар“
Во театарот „Долби“ во Холивуд беа доделени престижните награди „оскар“. Филмот „Формата на водата“ имаше најмногу номинации, па очекувано беше да ја освои титлата за најдобар филм за 2018 година. „Оскарот“ за најдобар режисер му припадна на Гиљермо дел Торо, за најдобар актер беше избран Гери Олдман, а најдобра актерка Френс Мекдорманд.
4.3.2018
Отруен поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал во Салисбури
Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал, кој во Русија е осуден поради шпионажа за британската разузнавачка служба „Mи6“, беше изложен на нервниот руски агенс „новичок“. Труењето на Скрипал и неговата ќерка од страна на руски агенти предизвика лавина реакции во јавноста, а голем број руски дипломати, вклучувајќи и во Македонија, беа протерани од нивните позиции во повеќе светски земји. Велика Британија протера 23 руски дипломати, што е најголемото еднократно протерување дипломати во последните 30 години.
14.3.2018
Почина прочуениот физичар Стивен Хокинг
На 76-годишна возраст почина прочуениот британски физичар Стивен Хокинг. Хокинг целиот живот се бореше со редок вид моторна невронска болест, поради која поголемиот дел од животот го мина во инвалидска количка и зборуваше преку синтетизатор на глас. Британецот се прослави преку својата работа за теоријата на релативитетот и црните дупки и напиша неколку научнопопуларни книги.
14.3.2018
Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците
Собранието на Република Македонија со 69 гласа „за“ и без ниту еден „против“ или „воздржан“, со мнозинство гласови го изгласа Законот за употреба на јазиците. На седницата не учествуваа пратениците од најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, поради притворање на петмина сопартијци и други граѓани за учеството во настаните од 27 април.
18.3.2018
Путин повторно изгласан за прв човек на Русија
Владимир Путин со 73,9 отсто гласови повторно оствари убедлива победа на изборите во Русија. Најблиску до Путин, на второто место, остана лидерот на Комунистичката партија, Павел Грудинин, со 11,2 отсто од гласовите. Со добивањето нов шестгодишен мандат, Путин ќе остане на власт до 2024 година, кога ќе има 72 години.
22.3.2018
Шефот на грчката дипломатија Коѕијас слета во Скопје
Првпат по 12 години, на аеродромот во Скопје слета грчки авион, заедно со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Тој во попладневните часови оствари работна средба со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Грчкиот министер за надворешни работи дојде во Македонија откако двете земји разменија нацрт-спогодби за решавање на спорот за името.
26.3.2018
Трамп протера 60 руски дипломати поради случајот „Скрипал“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, одлучи да протера 60 руски дипломати, како реакција на нападот со хемиско оружје врз поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал. Откако во јавноста се појавија информации дека труењето го извршиле руски агенти, освен САД, исти чекори се одлучија да направат и Украина, Германија и Франција. Три дена подоцна Русија одговори на САД и протера 60 американски дипломати од земјата
31.3.2018
Поплави во Охрид и во Струга
Силно невреме, проследено со пороен дожд и јужен ветар, ги зафати Охрид и Струга. Подоцна соодветните органи проценија дека невремето предизвикало штети на индивидуални куќи и станови, метални и дрвени платформи, потпорни ѕидови од камен, покривни конструкции и слично, во износ од 320 илјади евра.
АПРИЛ
11.4.2018
Во пад на алжирски воен авион загинаа 257 луѓе
Алжирски воен авион се урна набргу по полетувањето од аеродромот „Боуфарик“. Според алжирското министерство за одбрана, при падот на авионот „иљушин ИЛ-76“ загинале 257 војници и членови на екипажот.
12.4.2018
Димитров и Коѕијас ја почнаа новата рунда разговори за името во Охрид
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас во владината вила во Охрид ја почнаа новата рунда разговори за надминување на проблемот што Грција го има за уставното име на Република Македонија.
18.4.2018
Могерини и Хан во Македонија
Во официјална посета на земјата престојуваа заменик-претседателот на Европската комисија и високата претставничка за надворешни работа и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и комесарот за европска и соседска политика и проширување Јоханес Хан. Могерини се сретна со премиерот Зоран Заев и претседателот Иванов, а комесарот Хан, освен со премиерот, оствари средба и со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
23.4.2018
Пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица
Пуштена е во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица, со што целосно се заокружи со автопатско решение Коридорот 10 низ територијата на Македонија. Новата делница, во должина од 28,2 километри, ќе го скрати за 25 минути патувањето на тој потег од автопатот „Пријателство“.
23.4.2018
Десетина повредени кога комби удри во група пешаци во Торонто
Најмалку осум лица беа повредени кога бело комби удри во група пешаци во Торонто, Канада. Очевидци тврдат дека на улицата каде што се случи инцидентот, една од најпрометните во Торонто, имало повеќе безживотни тела.
26.4.2018
Градоначалникот на Атина во Скопје
Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, престојуваше во посета на Скопје и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов потпиша спогодба за соработка меѓу двата главни града. Станува збор за возвратна посета, откако скопскиот и атинскиот градоначалник се сретнаа во Атина во почетокот на февруари.
27.4.2018
Историска средба на корејските лидери
Лидерите на Северна Кореја и на Јужна Кореја денеска имаа историска средба во демилитаризираната зона меѓу двете земја. Разговорите помеѓу Ким Јонг-ун и јужнокорејскиот колега Мун Јае-ин беа трета средба воопшто на највисоко ниво меѓу земјите соседи и тие договорија завршување на војната долга седум децении и почнување со работа на целосна денуклеаризација и мир на Корејскиот Полуостров.
27.4.2018
Состанок на лидерите на земјите во процесот Брдо-Бриони
Состанокот на лидерите на земјите во процесот Брдо-Бриони се одржа во Скопје, на кој домаќин е македонскиот претседател Ѓорге Иванов. На настанот присуствуваа претседателите на Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Албанија и на Косово, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина. Како специјални гости на состанокот, во Скопје допатуваа и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.
МАЈ
4.5.2018
Козби и Полански исфрлени од Aмериканската филмска академија
Управниот одбор на Американската филмска академија, која го доделува престижниот „оскар“, ги отфрли од членство Бил Козби и Роман Полански, кои се осудени поради сексуални деликти. Американската филмска академија објави дека нејзиниот одбор на директори се состанал и гласал за нивниот статус во согласност со стандардите на однесување.
19.5.2018
Свадбена церемонија на принцот Хари и Меган Маркл
Британскиот принц Хари и американската актерка Меган Маркл го кажаа судбоносното „да“ во капелата во дворецот Виндзор. Меган до олтарот ја испрати таткото на младоженецот, британскиот престолонаследник принцот Чарлс. Церемонијата почна откако британската кралица Елизабета Втора, во придружба на принцот Филип, принцот Чарлс и војвотката Камила, пристигна во црквата.
21.5.2018
Заев доби ослободителна пресуда за „Поткуп“
Пресудата за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, е ослободителна. Премиерот Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.
23.5.2018
Груевски доби две години казна затвор
За набавка на „мерцедесот“, бившиот премиер Никола Груевски доби две години казна затвор, а поранешниот помошник-министер Ѓоко Попоски доби казна затвор во траење од шест години и шест месеци. Покрај затворските казни, обвинетите имаат рок од 15 дена да ги платат судските трошоци во висина од 325.584 денари.
28.5.2018
Илјада години Охридска архиепископија
Милениумското опстојување на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ, се одбележи со голем број културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво.
30.5.2018
Разговори за сите можни опции за името
Експертските работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации заседаваа во Атина за да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери. Клучните детали за решението ќе се финализираат на средбата на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. За грчката страна решението ќе биде со име од трите предлози на Нимиц, „Република Нова Македонија“, „Република Северна Македонија“ или „Република Горна Македонија“.
31.5.2018
Република Илинденска Македонија е минато
Предлогот Република Илинденска Македонија, во спорот за името со Грција, веќе нема да се дебатира, истакна премиерот Зоран Заев. Одговорот на Заев следуваше по барањето од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тој да каже какви можни предлози за имиња на Македонија прифатил да бидат по принципот ерга омнес, односно за употреба и внатре и надвор од земјава.
31.5.2018
Данска донесе закон за забрана за носење бурка
Парламентот на Данска усвои закон со кој се забранува носење облека што го прекрива лицето, како што се муслиманските марами ниџаб и бурка. Законот познат како Забрана за бурката, предложен од десничарската коалиција, беше усвоен со 75 гласа „за“ и 30 „против“. Данската влада наведе дека законот не е насочен кон ниту една религија и не забранува марама на глава, турбан или традиционалните еврејски капи.
ЈУНИ
14.6.2018
Започна Светското првенство во Русија
Епицентарот на тектонските фудбалски потреси овој пат е стационирано во најголемата држава на светот, Русија, каде што се одвива 21. Светско првенство (СП) во фудбал. За ова Светско првенство е зголемен наградниот фонд, кој изнесува 400 милиони долари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со Мундијалот во Бразил во 2014 година.
17.6.2018
Потпишан договорот за името
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во Преспа го потпишаa договорот постигнат меѓу двете земји во врска со името. Според постигнатиот договор, официјалното име на земјава за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија. На потпишувањето во Нивици, на грчка страна од Преспанско Езеро, присуствуваа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
20.6.2018
Изгореа три деца во куќа во Велес
Во пожар во куќа во Велес настрадаа три дечиња, на возраст од една до пет години. Kуќата во која се случил пожарот е на непристапен терен и е дивоградба. Социјално загрозеното семејство во импровизираното живеалиште престојувало околу две години. Пожарот го забележале соседите, кои се оддалечени на околу 100 метри од куќата во која избил пожарот. Децата биле сами дома за време на трагедијата.
24.6.2018
Саудиска Арабија ја укина забраната за жени возачи
Жените во Саудиска Арабија можат сами да возат автомобили. Одлуката за укинување на забраната жените да возат автомобили е донесена во септември минатата година од страна на кралот Салман, но сега стапува во сила. Одлуката е дел од реформите што ги спроведува принцот престолонаследник Мохамед бин Салман.
26.6.2018
Иванов одби да го потпише Законот за ратификација на договорот со Грција
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донесе одлука да не го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот со Грција. Во одлуката што кабинетот на Иванов ја испрати до медиумите како писмо се наведени причините поради кои претседателот нема да го потпише указот.
26.6.2018
Индија е најопасна држава во светот за жените
Индија е најопасната држава за жените, со висок ризик од сексуално насилство и подложност на ропски труд. На второ и трето место во светот се Авганистан и Сирија, се наведува во истражувањето на фондацијата „Томсон-Ројтерс“, во кое учествуваа околу 550 експерти за проблемите на жените.
28.6.2018
Србинка е првата жена во светот што роди бебе со пресадена матка
Триесет и осумгодишна Србинка е првата жена во светот што роди бебе со пресадена матка, донирана од нејзината еднојајчена сестра близначка. Таа роди машко бебе, тешко 2.970 грама. Породувањето со царски рез беше направено во Универзитетската болница во италијанскиот град Болоња.
29.6.2018
Во Австрија и официјално се воведува „трет пол“
Уставниот суд на Австрија донесе одлука лицата чиј пол не е ниту женски ниту машки да имаат право на соодветен внес во регистарот на граѓани. Во Австрија во иднина луѓето што сметаат дека не се ниту машки ниту женски пол, во официјалните документи ќе можат да внесат нов полов идентитет, но сè уште не е одлучено кој назив ќе се користи за „третиот пол“.
ЈУЛИ
9.7.2018
Почина Никола Саздовски, момчето што беше крвнички претепано
Почина 21-годишното момче Никола Саздовски што беше крвнички претепано на автобуската постојка на булеварот Александар Македонски во Автокоманда. Младото момче неколку дена беше во кома на КАРИЛ, во клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Смртта на Саздовски ја вознемири јавноста.
10.7.2018
Дванаесетте деца и тренерот се спасени од пештерата во Тајланд
Спасувачката мисија со извлекување на заглавените деца во пештерата Там Луанг во Тајланд заврши со среќен крај. Сите 12 деца и тренерот беа извлечени од пештерата, каде што беа заглавени од 23 јуни, кога влегле во неа по тренинг. Тие ја преживеаја тринеделната пештерска голгота благодарение на успешниот план на меѓународниот тим од 90 искусни нуркачи.
12.7.2018
Македонија доби покана за членство во НАТО
Македонија и официјално ја доби поканата за почеток на преговорите за влез во Северноатлантската алијанса, со што се отвора патот да стане 30-та земја-членка. Прогнозите се дека постои можност официјално да бидеме дел од Алијансата кон средината на идната година. Во меѓувреме треба да се исполнат обврските од договорот со Грција.
15.7.2018
Франција светски првак во фудбал
Франција е новиот првак на Светското првенство во фудбал, кое се одржа во Русија. Французите ја совладаа репрезентацијата на Хрватска, која првпат во историјата се искачи на второто место на едно светско првенство. Белгија го освои третото место, а Англија беше четврта. За најдобар играч на првенството е прогласен Хрватот Лука Модриќ, а најдобар стрелец е Хари Кејн од Англија.
23.7.2018
Грција во пламен, најмалку 80 загинати и над 150 повредени
Малото приморско место Мати е целосно уништено од огнената стихија што го зафати подрачјето на грчкиот полуостров Атика. Билансот на жртвите, во најкатастрофалниот пожар што ја зафати Грција, е над 80 загинати и над 150 повредени лица, изгорени над илјада куќи и уништени над 300 возила.
24.7.2018
Се роди албино-кенгурче во скопската зоолошка градина
Скопската зоолошка градина доби ново албино-кенгурче, а новиот жител на градината се вика Арчибалд. Албино-кенгурите се вистинска реткост, како и другите албино-животни. Големината на кенгурите кога се раѓаат е колку една харибо-бонбона. За малото албино-кенгурче во зоолошката градина се грижи зоо-негувателката за кенгури.
29.7.2018
Над 500 планинари спасени по земјотресот во Индонезија
Повеќе од 500 планинари се спасени од вулканската планина Ринџани на индонезискиот остров Ломбок, каде што останаа заробени поради одрони предизвикани од силен земјотрес. Помеѓу спасените планинари, 189 биле странци. Индонезија лежи на таканаречениот пацифички огнен прстен и е позната по сеизмичките активности.
29.7.2018
Болеста беше посилна од стариот морски волк, почина Оливер Драгоевиќ
Музичката легенда Оливер Драгоевиќ почина во Сплит, во 71-та година од животот. Драгоевиќ остави зад себе голем број музички записи и имаше милиони обожаватели на просторите на поранешна Југославија. Почина една година откако му беше дијагностициран рак на белите дробови.
АВГУСТ
8.8.2018
Во Македонија околу 18 илјади луѓе живеат во услови на современо ропство
Во Македонија во услови на современо ропство живеат околу 18 илјади лица, или 8,7 од илјада македонски државјани се робови, покажува Глобалниот индекс за ропство 2018, изработен од Обединетите нации и фондацијата „Вок фри“. Македонија се наоѓа на третото место на листата земји од Европа и Централна Азија според овој показател. Во оваа група пред нас се само Туркменистан и Белорусија, а најдобро рангиран е Луксембург, каде што само 1,5 од 1.000 лица се робови.
13.8.2018
Филмот „Јавачи на коњи“ награден во Америка
Филмот „Јавачи на коњи“, социјална драма по сценарио на Никола Кузелов и во режија на Марјан Гавриловски, доби награда за најдобар филм на филмскиот фестивал „Фам фест интернешнел 2018“ во Северна Каролина, САД. Како победник на фестивалот, македонскиот филм е автоматски селектиран и влегува во трка во „Светскиот филмски саем“ во Њујорк оваа година. Покрај наградата за најдобар филм, „Јавачи на коњи“ на „Фам фест“ се пласира и како полуфиналист на „Лос Анџелес синефест“.
13.8.2018
Седумнаесет години по потпишувањето на рамковниот договор
Со имплементацијата на Охридскиот договор беа направени повеќе уставни промени и донесени повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања, од кои најголемиот дел (59) се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализација на власта
22.8.2018
Педесет и седмото издание на „Струшки вечери на поезијата“
Со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, почнува 57-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, кој до 27 август се одржува на различни локации низ Струга и во неколку града во државата. Според традицијата, претпладне во Паркот на поезијата се засадува дрво во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ – полскиот поет Адам Загајевски, каде што се чита поезија, а потоа има прес-конференција со лауреатот.
23.8.2018
Филмот „Ругање со Христос“ со светска премиера на фестивал во Монтреал
Филмот „Ругање со Христос“ е селектиран во официјалната светска селекција и ќе се прикажува на 30 август, во 21.30 часот, во салата „Империјал“ на фестивалот во Монтреал. Ова на прес-конференција го соопшти продуцентот и режисер Јани Бојаџи.
25.8.2018
Почина Ванчо Петрушевски – доајенот на драмскиот театар
Доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот на 67-годишна возраст. Во 2016 година ја доби државната награда „11 Октомври“ за остварувања во областа на уметноста и културата. Оствари низа улоги што ќе се паметат на сцената на Драмскиот театар.
27.8.2018
Ќе се реставрира вечното почивалиште на Тоше Проески во Крушево
Општината Крушево почнува со активностите за изработка на проект за изградба на достоен вечен дом на Тоше Проески на Гумење. Крушевскиот градоначалник Томе Христоски информира дека Владата донела одлука за одобрување и префрлање средства од Министерството за култура на сметката на општината Крушево.
29.8.2018
Катица Јанева: Со „Тврдина-таргет“ ќе докажеме дека 20.000 граѓани биле прислушувани
Специјалното јавно обвинителство има многу докази дека лицата што се обвинети во случајот „Тврдина-таргет“ прислушувале и тоа ќе го докаже пред суд, изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која се надева дека конечно ќе почне судскиот процес за овој предмет.
СЕПТЕМВРИ
5.9.2018
Столтенберг пристигна во дводневна официјална посета на Македонија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, допатува во Скопје, во пресрет на референдумот закажан за 30 септември. На скопскиот аеродром Столтенберг беше пречекан од министерката за одбрана Радмила Шекеринска. По средбите со македонскиот државен врв, Столтенберг повтори дека без решение за името, нема покана за НАТО. Во чест на таткото на актуелниот генерален секретар на НАТО, улицата кај градскиот стадион во Скопје е наречена Столтенбергова.
13.9.2018
Премиерот Зоран Заев се обрати во ЕП
Македонскиот премиер Зоран Заев се обрати пред пратениците во Европскиот парламент (ЕП). Ова, како што истакна Заев, е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во европскиот пратенички дом.
– За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е првпат еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик – рече Заев.
19.9.2018
Валкани пелени причина за евакуација на станарите од ТЦ „Скопјанка“
Станарите од станбениот блок во ТЦ „Скопјанка“ беа евакуирани среде ноќ, откако во комплексот била почувствувана непријатна миризба на амонијак. По извршената проверка од страна на стручните служби, било утврдено дека миризбата се ширела од валкани пелени за возрасни, кои биле складирани во еден стан во кој живееле постари лица. Поради непријатната миризба реагираше и противпожарната служба, како и единица на АРМ за биохемиски отрови.
21.9.2018
Славната Клаудија Кардинале и оскаровецот Роџер Дикинс пристигнаа во Македонија
Големата италијанска и светска актерка Клаудија Кардинале и оскаровецот Роџер Дикинс беа почесни гости на годинешното, 39-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Кардинале ја прими наградата „специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија, додека Дикинс е награден со „златна камера 300“ за животно дело.
27.9.2018
Почина македонската фудбалска легенда Благој Истатов
Легендарниот македонски голман Благој Истатов почина во 71-та година од животот. Истатов целиот свој живот му го посвети на фудбалот. Негов матичен клуб е Беласица, а настапуваше и за Победа од Прилеп, белградски Партизан и Утрехт од Холандија.
27.9.2018
Иванов во ОН: Гласањето на референдумот е право, а не обврска
Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации им порача на македонските граѓани дека гласањето на референдумот е нивно право, а не обврска.
– Во согласност со членот 7, став 3, од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум“. Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа или, пак, да не излезе и да бојкотира – рече шефот на државата.
29.9.2018
Двајца загинати во пукање на Рузвелтова
Од повреди од пукањето во престрелката што се случила на ул. Франклин Рузвелт, во близината на просториите на СЈО, почина уште еден од тројцата патници во возилото „сеат алтеа“, при што еден од нив беше убиен на самото место. Од Ургентниот центар потврдија дека на повредите им подлегнал и 47-годишник, по приемот, односно околу 3 часот по полноќ. Полицијата соопшти дека зад оружениот инцидент се крие криминална пресметка.
30.9.2018
Се одржа референдум за името – за власта успешен, за опозицијата фијаско
Референдум за промена на името се одржа во Македонија, при што не беше постигнат потребниот цензус од 1.100.000 гласачи. Во обраќањето по завршувањето на референдумското изјаснување, премиерот Зоран Заев рече дека резултатот од 600 илјади гласа „за“ на референдумот е подобар резултат од сите победници што оствариле победи на парламентарните избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го оцени референдумот како неуспешен.
ОКТОМВРИ
10.10.2018
Вицепремиерот Османи осомничен во предмет на СЈО
Во случајот „Пациент“ на СЈО се осомничени 15 лица, меѓу кои и Бујар Османи како поранешен министер за здравство. СЈО ги сомничи дека фаворизирале и доделиле јавна набавка на фирма од Бугарија за која иако знаеле дека не ги исполнува условите, била избрана да ги реконструира болниците во Тетово и во Охрид, како и гинеколошката клиника „Чаир“ во Скопје. Вицепремиерот Османи ги негираше ваквите тврдења и рече дека работел во согласност со законот.
17.10.2018
Коѕијас поднесе оставка, Ципрас му ја прифати
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Министерството за надворешни работи го презеде премиерот Ципрас, за успешно заокружување на договорот од Преспа. На оставката на Коѕијас ѝ претходела вербална кавга со Панос Каменос на владина седница, кога лидерот на Независни Грци го обвинил Коѕијас дека земал пари од Сорос, а премиерот Ципрас не застанал во одбрана на својот шеф на дипломатијата.
18.10.2018
Се затвора комплексот „Македонско село“
Комплексот „Македонско село“ на падините на Водно престана да функционира, а одлуката за неговото затворање беше соопштена на неговата фејсбук-страница. Веста ја разбранува јавноста, а за постапката концесионерот Владимир Тодоровиќ, сопственик на „Тинекс“ и на „Квинс хотел“, ниту писмено ниту усно не ја информирал Владата. Тој, според член од договорот за концесија, требало да ја извести Владата најмалку шест месеци однапред. Владата најави дека ќе најде решение за овој комплекс повторно да биде ставен во функција.
21.10.2018
Меѓународната заедница го осуди убиството на Кашоги
Поголем број земји, асоцијации и меѓународни организации го осудија убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги и побараа спроведување транспарентна и независна истрага за случајот. Меѓународната федерација на новинари го осуди убиството на Кашоги и ги повика Вашингтон и Брисел да воведат санкции кон Ријад. Првично новинарот Кашоги се сметаше за исчезнат, по што беше откриено дека тој бил брутално убиен во саудискиот конзулат во Истанбул. Како нарачатели на неговото убиство се посочени членовите на саудиското кралско семејство.
25.10.2018
Почна снимањето на новиот филм „Врба“ на Манчевски
Во близина на прилепското село Крушевица започна со снимање „Врба“, шестиот долгометражен игран филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, кој е автор и на сценариото. По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. Сцени од филмот беа снимани и во Скопје.
27.10.2018
Газдата на Лестер и уште четири лица загинаа во хеликоптерска несреќа
Вишај Шривадханапраба, сопственикот на Лестер, е меѓу жртвите на хеликоптерската несреќа што се случи непосредно по завршувањето на натпреварот со Вест Хем. Според првичните непотврдени информации, освен 61-годишниот тајландски милијардер, во хеликоптерот биле и една од неговите две ќерки, двајца пилоти и уште едно лице, чиј идентитет засега не е познат. Никој не ја преживеа несреќата.
29.10.2018
„Го сакам Водно“ бара итен прекин на изградбата на гасоводот на Водно
Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бара итно прекинување на активностите за изградба на гасоводот низ Водно поради, како што велат, загрозувањето на парк-шумата. Активистите сметаат дека трасата преку Водно не е добра и бараат да се разгледаат други алтернативни траси. Од друга страна, Владата инсистира гасоводот да поминува по сртот на Водно и најави дека ќе го стесни просторот каде што би се поставувале цевките, за вегетацијата да биде што помалку уништена.
31.10.2018
Обвинителството почна предистражна постапка за претседателот Иванов
Основното јавно обвинителство – Скопје почна предистражна постапка во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и на спогодбата од Мала Преспа од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Како што соопшти обвинителството, предистражната постапка е почната по две анонимни пријави. Иванов смета дека Законот за јазиците е во спротивност со Уставот, додека спогодбата од Преспа ја оцени како штетна за Република Македонија.
НОЕМВРИ
1.11.2018
Авиолинијата Атина – Скопје обновена по десет години
Со слетување на авионот на „Ејџиан ерлајнс“ на скопскиот аеродром, по повеќе од десет години е возобновена авиолинијата Атина – Скопје. Меѓу првите патници што од Атина пристигнаа на скопскиот аеродром беше македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи, кој на атинскиот аеродром симболично беше испратен од алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.
13.11.2018
Груевски е во Будимпешта, побарал азил
Поранешниот премиер Никола Груевски на својот фејсбук-профил објави дека се наоѓа во Унгарија и дека побарал азил од унгарските власти. Ден порано Министерството за внатрешни работи на веб-страницата објави национална потерница со фотографија од Никола Груевски.
17.11.2018
Протест на „Жолтите елеци“ во Франција
Планираното зголемување на акцизите за гориво ги предизвика протестите на „Жолтите елеци“ во Франција. Париз се соочи со најголемото улично насилство во изминативе децении.
20.11.2018
Одреден 30-дневен притвор за Сашо Мијалков
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков му е одреден 30-дневен притвор за случајот „Таргет-тврдина“ по барање од СЈО. Во предметот „Таргет-тврдина“ се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
27.11.2018
Почина Горан Стефановски
По кратко но тешко боледување, на 66-годишна возраст почина Горан Стефановски, еден од најпознатите македонски драмски автори. Горан Стефановски беше еден од најплодните драмски автори не само во Македонија туку и пошироко во регионот. Неговите незаборавни драмски текстови се играат на сцени и низ Европа. Зад него остануваат антологиските „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Дупло дно“, „Лет во место“ и многу други.
27.11.2018
Сонда на НАСА успешно слета на Марс
НАСА објави дека успешно приземјила нова роботска сонда на Марс по седумминутното драматично слетување на неговата површина. Сондата „Инсајт“ ќе има задача да ја истражи внатрешната структура на Марс, единствената планета, покрај Земјата, на која се правени такви испитувања.
30.11.2018
Вградено вештачко срце на пациент во државната кардиохирургија
Во Универзитетската клиника за државна кардиохирургија на пациентот Мухарем Реџепи (54), татко на шест деца, му е вградено вештачко срце. Во случајот, кај пациент со тешка срцева слабост, е ставен уред што е еден тип механичко срце, вграден во левата комора. Со овој уред се живее нормален и квалитетен живот, кој се продолжува за 10-15 години.
30.11.2018
Силен земјотрес ја погоди Алјаска
Земјотрес со магнитуда од седум степени според Рихтеровата скала го погоди Енкориџ, најголемиот град во американската сојузна држава Алјаска. Набргу беше издадено предупредување и за цунами за јужното крајбрежје на Алјаска.
ДЕКЕМВРИ
1.12.2018
Почина Џорџ Буш Постариот
Поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш Постариот, почина на 94-годишна возраст во својот дом во Хјустон, Тексас. Џорџ Буш Постариот беше 41-от претседател на САД. За време на неговото владеење меѓу 1989 и 1993 година заврши Студената војна.
14.12.2018
Формирана војската на Косово
Косовското собрание со гласовите на сите присутни пратеници, на пленарна седница, ги усвои законите со кои досегашните Безбедносни сили (ФСК) практично прераснуваат во Војска на Косово.
18.12.2018
Законот за амнестија донесен едногласно
Со 95 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, Собранието го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017, поднесен од група пратеници, кој е дел од планот за помирување инициран од Владата на РМ.
18.12.2018
Репортери без граници: Ова е најлоша година за новинарите
Според извештајот на Репортери без граници (РБГ), 2018 година статистички е најлошата година во однос на насилствата и злоупотребата на новинарите, со најмалку 80 убиства на новинари поврзани со нивната работа. Дополнително, 348 новинари биле затворени, а 60 биле држени како заложници.
19.12.2018
Возење низ тунелот на Илон Маск
Основачот на компанијата „Тесла“, Илон Маск, го претстави својот последен проект, подземниот тунел во Лос Анџелес, за кој милијардерот тврди дека ќе го смени начинот на кој се одвива сообраќајот.
19.11.2018
Трамп ги повлече воените трупи од Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД почнаа да ја повлекуваат својата војска од Сирија и дека враќањето дома на американските војници претставува нова фаза во кампањата против терористичката организација Исламска држава.
– Ја поразивме Исламска држава во Сирија, тоа беше мојата единствена причина да се биде таму додека сум претседател – напиша Трамп на Твитер.
22.12.2018
Цунами во Индонезија
Најмалку 400 лица загинаа, а над 1.400 беа повредени при налет на цунами во крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава, предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау.
27.12.2018
Пратениците амнестирани за 27 април
Пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски се меѓу 12-те лица обвинети од предметот „27 април“ што добија решение за амнестија, во согласност со Законот за амнестија.