Владата најавува дека предлог-законот за дигитални учебници ќе биде ставен на јавна дебата, по што ќе биде доставен до Собранието, додека иницијативата „Учебници и настава мора да има“ соопшти дека добила официјално известување од претседателот на Собранието Талат Џафери за повлекувањето на предлог-законот.
Претставничката на иницијативата, Драгана Спасевска, истакна дека нема да се одржи ниту референдум за ова прашање, бидејќи предлог-законот беше повлечен.
– Родителската сплотеност, истрајност и борбеност денес се исплати и вроди со плод. Владата го повлече предлог законот за учебници и други наставни материјали за основно и средно образование. Со повлекувањето на овој закон не е потребно одржување на референдум – истакна Спасевска во изјава за телевизија „Сител“.
Според информациите објавени од дел од медиумите се очекува предлог-законот да биде ставен на јавна дебата, по што ќе биде доставен до Собранието.
Предлог-законот предвидуваше четвртоодделенците да почнат да учат од дигитални учебници од следната година. Родителите излегоа на неколку протести во изминатиот период со барање за повлекување на предлог-законот, а поднесоа и иницијатива за државен референдум на кој би се изјасниле за законот.