Секоја новина предизвикува неизвесност од непознатото, така и најавата за воведување на целосно нова концепција за основно образование предизвика грижи за она што ни претстои. За таа цел, Министерството за образование и наука подготви презентација со појаснувања за некои од грижите коишто ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.
– Воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање на содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи. Исто така, концепцијата за основно образование ја дава „рамката“ според која се планира основното образование и документ не ги брише содржини од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја. Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на Концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Интегрираните наставни програми позитивно влијаат на постигањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од границите на определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење – велат од МОН.
Оттаму додаваат дека овој модел не е новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем (таков пример е предметот природни науки до шесто одделение). Многубројни истражувања покажале дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските помеѓу различни природни и/или општествени појави, да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење.
– Концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Но, направените анализи укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален. Со предвидените слободни изборни предмети, наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети, според интересите и барањата на учениците – појаснуваат од министерството.
Во подготовката на новата Концепција МОН се водеше од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4.168 наставници, кои ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои истата треба да се базира. Исто така земени се во предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието, наведуваат од Министерството за образование и наука.