Министерството за здравство информира дека лицето пристигнато од италијанската престолнина за кое поладнево министерот Венко Филипче најави дека се очекуваат резултатите од тестовите, е негативно на коронавирусот.
Од ресорното министерство нагласуваат дека лицето било подложено на тестирање во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Воедно додаваат дека ова е последното лице во земјата за кое се чекаа резултатите и во овој момент нема други пациенти кои се тестираат на коронавирус.
Претходно министерот соопшти дека пациентката на Инфективната клиника, за која вчера беше објавено дека е заразена од коронавирус, се чувствува добро и нема критични знаци, но е во излоација.
Тој посочи дека одлучено е состојбата на патниците од комбето во кое патувала заразената пациентка да се следи во наредните 14 дена. Тие се вкупно 12 лица, а меѓу нив има и две деца. Се наоѓаат во своите домови во Скопје и во Струмица. Станува збор за здрави луѓе, но сепак се изолирани од контакти со други лица.
Министерот објасни дека во комбето биле вкупно 9 лица, заразената и уште 8 други. Во карантин се 12 бидејќи 8-те патници во меѓувреме имале контакт со уште четворица други.
Утре ќе се направи проверка на здравствените капацитети во случај ако е потребно да се спроведе преместување од домашно сместување во карантин.