Од први октомври почнуваат новините при издавање и подигање лекови. Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство, на брифинг со новинарите рече дека за половина месец ќе почне нулта фаза, која предвидува при потпишување рецепт и при подигање на лекот, пациентот да покаже лична карта или пасош. Од следниот месец, пациентите ќе немаат обврска да покажат здравствена легитимација.
– Ќе се воведат електронски рецепти, а повеќе нема да постојат хартиените рецепти. Ќе се воведе систем на скенирање на документите, преку што ќе се води евиденција на издадени и подигнати лекови и рецепти. За деца, лекови ќе може да подигаат нивните родители, со приложување лична карта. Тоа ќе може да го направи и некој што не е родител, кој ќе треба е да покаже своја лична карта. Лек од аптека ќе може да подигне некој за трето лице, приложувајќи своја лична карта, но ќе мора да го каже бројот на личната карта и на оној за кого лекот е наменет – вели Дончев.
Од 1 октомври ќе се воведе и т.н. систем на црвени знамиња, односно ќе се контролира и ќе се следи колку рецепти издале докторите.
– Секој граѓанин во просек подига по два рецепта месечно. Ако докторот издавал 20, а потоа издава на пример 40 рецепти, тоа е индикација за проверка. Акo се тие рецепти валидно односно оправдано издадени, никому ништо – појасни Дончев.
Орхан Рамадани, заменик-директор на ФЗО, рече дека независно од тоа дали станува збор за хронично болни пациенти или не, лековите ќе можат да си ги подигаат со приложување лична карта, а во нивно име ќе може да го прави тоа и друго лице.
– Право на секој граѓанин е да си подигне лек. Квотите го ограничуваа тоа право. Со овие новини тие ограничувања ќе ги нема. Наша обврска е да сме што посигурни во валидноста на секој рецепт – додаде Дончев.