Секој настан низ времето и просторот доживува критичка проверка. Но масакрот кај Карпалак на 8 август 2001 година сѐ уште и по 19 години е прилепски и македонски непребол. И покрај тоа што во минатите години можеше да се направи анализа, сепак сѐ уште виси во воздух прашањето што се случи и зошто се случи да загинат недолжни чеда.
На тој кобен, жежок 8 август 2001 година, среда, во заседа кај Карпалак, животите ги дадоа десетмина прилепски бранители – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски. Неколкумина беа повредени. Повеќемина од тие што беа повредени веќе не се живи. Но и ден-денес преживеаните велат кога би можело да биде поинаку, ама не беше така, ниту пак некој може да објасни што им се случи.
И на 8 август годинава достојно ќе им биде оддадена почит на загинатите. Повторно ќе биде посочено дека најважно е ваков немил настан да не се повтори никогаш, но и да не се заборави од генерациите што доаѓаат и да се укаже дека сѐ може да се реши по мирен пат, без оружје и без насилство.