Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани бележи раст од 7,3 отсто, додека за двата месеца од годинава во однос на двата месеца лани раст од 9,6 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во февруари во однос на истиот месец лани бележи пораст од 2,9 отсто, во преработувачката индустрија пораст од 7,3 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 4,8 отсто.
Зголемувањето во преработувачката индустрија е резултат, пред сѐ, на поголемото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на тутунски производи, производство на текстил, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Гледано по главни индустриски групи, производството во февруари бележи пораст кај енергијата за 7,1 отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 13,5 отсто, капитални производи за 1,7 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,3 отсто, додека опаѓање бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 1,4 отсто.
Индустриското производство во периодот јануари – февруари во однос на истиот период лани е зголемено за 9,6 проценти.
Според премиерот Зоран Заев, кој денеска одговораше на пратенички прашања, растот на индустриското производство е показател дека растот во првиот квартал може да биде поголем.
-БДП пред 22 месеца беше минус 1,8 отсто, во моменотт е 3,3 отсто и верувам дека сите индикации покажуваат дека може да очекуваме уште поголем раст во првиот квартал, што дефинитивно се потврдува со растот на индустриското производство. Во јануари беше 12 проценти, во вториот месец е 7,5 отсто, заедно создваат 9,5 отсто, што е 1,2 отсто раст на БДП без каков било раст во другите сектори – рече премиерот.
Тој потсети дека 2019 година ќе биде година на економијата, дека се прават напори за зголемување на реализација на капиталните инвестиции, раст на платите за кои рече дека идната пролет ќе има квантен скок за што Владата има намера да преземе мерки.
-Земјата ќе има одлични економски резултати во оваа година. Отстранети се слабостите и верувам дека на крајот ќе признаеме дека економските резултати на завршеток на 2019 година ќе биде нешто за што ќе кажеме дека вредело – изјави премиерот.
И министерот за финансии Драган Тевдовски на седницата за поставување пратенички прашања рече дека има многу силно индустриско производство и дека во 2019 година се очекуваат уште посилни бројки.
-Имаме многу силно индустриско производство, уште посилни бројки за 2019 година, странските инвестиции се најсилни досега, извозот има двоцифрена стапка на раст, невработеноста, исто така првпат падна под 20 проценти и сето тоа зборува за успешноста на економските политики, рече Теводовски – кој додаде дека се остваруваат резултати на придвижување на платите.
Министерот посочи и дека прогресивното оданочување дава одлични резултати, дека приходите од персонален данок имаат двоцифрена стапка на раст, како и тоа дека придонесите се високи.