Ријасетот на Исламската верска заедница донесе низа мерки што треба да се спроведат во секоја џамија на празникот Фитр Бајрам на 24 мај, објави нејзиниот поглавар, Сулејман Реџепи.
Одлучено е сабах намазот (утринската молитва) верниците да ја обавуваат дома. Исто така, реис-ул-Улема на ИВЗ, Х.Сулејман еф. Реџепи, апелира повеќе да се користат дворовите на џамиите за обавување на молитвите.
– Обавувањето на намазот на Фитр Бајрам да не биде подолго од 15 минути, максимално да се избегнат поздравите со физички контакт, откажување од посета на гробишта, за време на Фитр Бајрам, традиционалните посети треба да бидат што е можно помалку, дезинфекција на џамии, задолжително носење маска, чистење раце со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или да се носи ракавици, секој верник треба да има лично сеџаде – се вели во одлуката на ИВЗ.
Меѓу верниците треба да се запази физичката дистанца колку што е можно повеќе, односно забранет е престој во групи пред или по обавување на молитвите во џамијата.
Поради сегашната состојба со коронавирус, Ријасетот на ИВЗ ја откажа организацијата на традиционалната централна манифестација по повод Фитр Бајрам.