Состанок на министри за надворешни работи ќе се одржи денеска во Скопје, со кој ќе се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Македонија и на Бугарија за 2020 година.
Како што е најавено од македонското МНР, освен шефовите на дипломатии на земјите што учествуваат во Берлинскиот процес од Европската Унија и Западен Балкан, на состанокот ќе учествуваат претставници на институциите на ЕУ и на Советот за регионална соработка.
Првпат од 2015 година се случува земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со Берлинскиот процес.
За време на состанокот ќе биде најавена приоритетната агенда на заедничкото претседателство, која цели кон зајакната интеграција и поврзување меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социоекономски план. Ќе се дискутира за теми поврзани со регионалната соработка и европските перспективи на регионот во контекст на мартовскиот Европски совет и Самитот во Загреб. По состанокот се очекува да биде усвоена заедничка декларација.