Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со словенечкиот министер за внатрешни работи Боштајн Поклукар.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Заев упатил благодарност до владините претставници на Словенија за поддршката во сите клучни процеси за земјата, како и за тоа што Словенија е втората држава што го ратификуваше Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО.
На средбата биле поздравени политиките на изнаоѓање решенија и реформи и изразено било очекување дека нашата држава ќе ги заокружи НАТО интеграциите и ќе се отворат пристапните преговори со Европската Унија.
– Преку Договорот од Преспа придонесовме за унапредување на билатералните односи со нашиот сосед Грција, но и за напредокот на целиот регион. Има позитивно влијание и на економски план, бидејќи порасна бројот на заинтересирани инвеститори за инвестирање во Северна Македонија. Веруваме дека ќе дадеме аргументи во периодот што претстои, за сите земји членки да го поддржат отпочнувањето на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ – рекол Заев.
Поклукар на средбата навел дека политиките на Заев покажуваат дека е можно проблемите да се решаваат, а не само да се говори за нив, посочувајќи дека преку Договорот од Преспа и со оперативните реформи што ги прави нашата држава ќе се заокружи процесот на интегрирање на Република Македонија во НАТО, како и дека ќе се успее во отворањето пристапни преговори со ЕУ.
– На средбата е констатирано дека постојат услови за унапредување на соработката меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји. Изразена е согласност дека безбедноста на државата е важен услов за економијата и најавено е дека Република Словенија ќе настојува да ја продлабочи соработката со нашата држава и на економски план, истакнаа од владината прес-служба.