Граѓаните од Битола и регионот имаат лесна врска со големиот број рекреативни локации под Пелистер и брза врска со ски центарот „Стрежево“.
Ова е особено важно и за развојот на зимскиот туризам дополнително и заради фактот што Јавното претпријатие „Стрежево“ одговори на барањата на љубителите на зимските спортови овозможи и ноќно скијање на своите терени“.
Ова го истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на увидот на реконструираниот регионален пат Битола – Нижеполе – Ски центар „Стрежево“, кој во наредните денови по техничкиот прием ќе биде пуштен во употреба.
На настанот, на кој присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, Беким Мемеди, премиерот Заев рече дека по завршената реконструкцијата на патот тој повторно ќе им биде ставен на располагање во целосна функција на граѓаните од Битола и на жителите на околните локални населени места.
– Со реконструкцијата на овој регионален пат во должина од 5,5 километри, вредна 36 милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија ширината на патот сега изнесува 6 метри според сите стандарди за оваа категорија патишта и претставува безбедна и функционално патно поврзување помеѓу Битола, како голем регионален центар и Подпелистерскиот туристички центар. Подпелистерскиот туристички центар бележи силен напредок во селскиот туризам кој станува сé поатрактивен за голем број странски туристи и тоа е потенцијал кој носи и сериозни придобивки за локалното население и за локалната економија – рече премиерот Заев.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во својата изјава потенцираше дека развојот и унапредување на патната мрежа е приоритет за што се планирани инвестиции од преку една милијарда евра заради забрзан економски развој на државата и општините, особено во оние каде што туризмот е од особено значење за развој на локалната економија.
-Уверуваме дека поддршката продолжува во континуитет и заеднички со локалната власт ќе реализираме проекти за развој на Битола и цела Пелагонија. Ова го зборувам од причина што огромен број на средства алоцираме за развој на регионот. Се работи на проекти во патната мрежа, во комуналната инфраструктура, во гасификацијата“, нагласи Бочварски.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска информираше дека со реконструкцијата на патниот правец кон Нижеполе, паралелно се врши и реконструкцијата и на патниот правец Трново-Магарево и се постави канализациона мрежа и пречистителна станица, со што се затвора една успешна приказна на развој на туризмот во Потпелистериоето, овозможувајќи им на жителите на овие села, но пред се на туристите и посетителите, поквалитетна животна средина и хигиенски третман на околината, без испуштање на отпадните води во околните реки.
Директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, Беким Мемети рече -Почнавме со асфалтирање на патот во должина од 6 километри инвестицијата е во висина од 36 милиони денари, исто така во тек е тендерска постапка за рехабилитирање и реновирање на патот Меџитлија – Битола кој е од големо значење за градот. –
М.М.