Убавината и топлината на пораката за Божик – Христос се роди, нека ги исполни уште еднаш со радост и топлина срцата на сите верници од Католичката црква и православните Христијани кои денеска го слават големиот празник – Христовото раѓање, вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод празникот Христово раѓање – Божик.
-Нека се исполнат со духот на Божик домовите на сите со мир во душите и со радоста на живеењето, и нека не поттикне таа радост со љубов да ја споделиме со најблиските, со пријателите и со секој добронамерник. Да му помогнеме на секој обесхрабрен и неутешен. Така ќе ја шириме и пораката на Богомладенецот кој стана човек за да го види светот со нашите очи, но постојано да не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме во личности според неговиот образ – истакнува Заев.
Радоста за време на празникот на Христовото раѓање, како што посочува премиерот, нека ги поврзе сите граѓани на нашата земја и нашите сограѓани во светот.
-Со благословот на овој голем христијански празник да ги дочекаме идните денови во нашите домови и заедници исполнети со ведрина и верба дека секој нареден ден ќе биде подобар, пишува Заев во писмото по повод празникот Христово раѓање – Божик.
Шефот на македонската Влада синоќа присуствуваше на црковната служба со која по повод празникот Христово раѓање – Божик, во храмот „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје чиноначалствуваше д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Македонија.
На мисата во централната католичка црква во Скопје, како што соопшти владината прес-служба, присуствуваа и заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, и заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев.