Евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар ќе стане почесен граѓанин на општина Куманово, одлучија денеска советниците на 17-тата седница на советот.
Иницијативата за овој предлог што претходно го разгледа комисијата за одбележување празници и манифестации ја поднел градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Во иницијативата меѓу останатото пишува дека евроамбасадорот се покажал како вистински пријател на граѓаните на општина Куманово, бидејќи давал поддршка преку реализација на повеќе инфраструктурни проекти, значајни за подобрување на квалитетот на животот на кумановци, но и неговата поддршка за унапредување на демократските процеси во градот Куманово.
Меѓу проектите кои се подржани со средства од ЕУ и со поддршка на амбасадорот е и изградбата и реконструкцијата на канализациската мрежа во Куманово, како и повеќе инфраструктурни проекти, реконструкции на училишта во Куманово.
– Својот придонес несомнено го даде и во подобрување на условите во образованието преку реконструкција и адаптација на училишта, овозможувајќи квалитетен образовен процес, поддржувајќи ја перспективата за младите, стои во иницијативата.
ЕУ, се додава има особен придонес во инфраструктура и на јавните претпријатија во Куманово.