Она што е симптоматично во новата серија најавувана како семејна сага, која почна да се емитува на Канал 5, е дека дејството се одвива во историски период од почетокот на 20 век, поточно почнува во 1908 година. Токму тој период е оној што претставува чувствително прашање во историјата, кој различно го гледаат и го чувствуваат во Македонија и во Бугарија. Дали преку спецификите на авторските погледи на еден историски период, кој случајно или не во моментов е главен предмет на македонски-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања, суптилно и на еден многу „култивиран начин“ се промовира еднострана историска (не)вистина?
Експертската комисија за усогласување историски образовни прашања е дел од договорот за добрососедство со Бугарија, чија задача е „да ги усогласи различните видувања и толкувања на одредени настани и личности, кои претставуваат своевидни точки на пресек во досегашните истории на Македонија и на Бугарија“. Оваа мешовита експертска комисија се состанува во неколку наврати веќе 7-8 месеци, а најавено е дека наредниот состанок ќе се случи на 19 и 20 февруари во Скопје. Според претставникот на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров, на средбата во Скопје треба да се разговара за заедничкото одбележување и прослава на личности и настани од, како што вели тој, заедничката историја. Досега информации за работата на комисијата и во македонската јавност повеќе доаѓаа од бугарската страна, кои се најчесто контроверзни и насочуваат на перцепцијата дека македонскиот дел од ова историско-образовно експертско тело е во дефанзива и само ги прифаќа ставовите на бугарските колеги.
Координаторот на македонскиот дел од комисијата, Драги Георгиев, признава дека од почетокот на работата на заедничката комисија, постои извесен триумфализам во Софија, веројатно поради уверувањето дека македонската страна ќе ги прифати сите бугарски предлози, но се надева дека бугарските колеги ќе сфатат оти е невозможно просто наметнување на нивните ставови, бидејќи комисијата мора да работи само врз основа на факти и аргументи. Се согласува дека во јавноста постои перцепција дека македонската страна на некој начин се наоѓа во дефанзива, но вели дека тоа е прашање на пристап што има цел да го „денационализира минатото“, односно да ја ослободи историјата од националните митови, кои водат во поделби и конфликти.
Комисијата досега имала само три средби на кои начелно е постигнат договор за заедничко славење на Григор Прличев и на браќата Кирил и Методиј, додека за царот Самуил се направени некои чекори, но дефинитивна согласност меѓу двете страни не е постигната. Неофицијално протекуваат информации дека на највисоко, премиерско ниво, двајцата координатори се повикани и прекорени за тромоста и неефикасноста во работата на комисијата, со забелешка дека доколку се продолжи на таков начин, можни се и административни мерки со кои „прашањата за усогласување ќе бидат затворени до половината на мај оваа година“.
И додека се очекува новиот состанок на комисијата за историско-образовни прашања, се чини дека бугарското гледиште на „заедничката историја“, почна по заобиколен пат на посуптилен и медиумски попопуларен начин да се промовира во македонската јавност. Имено, на македонската телевизија Канал 5 почна да се емитува ТВ-серијата „Дрвото на животот“ од бугарска продукција. Табуто кон бугарската ТВ-продукција, кое своевремено можеби било присутно во македонскиот етер, веќе од порано е разбиено, па македонската ТВ-публика веќе има перцепции за бугарските ТВ-серии.
Можеби не биле толку доминантни како оние од турската, латиноамериканската или од бившојугословенската продукција, но биле сосема доволно застапени за да се забележат, како што нагласуваат соговорници од филмската фела „модерниот продукциски и уметнички квалитет на бугарските ТВ-серии“. Она што е симптоматично во новата серија најавувана како семејна сага, која почна да се емитува на Канал 5, е дека дејството се одвива во историскиот период од почетокот на 20 век, поточно почнува во 1908 година. Токму тој период е оној што претставува чувствително прашање во историјата, кој различно го гледаат и го чувствуваат во Македонија и во Бугарија. Уште во почетокот на серијата, приказната тргнува од моментот кога (според бугарското гледиште), Бугарија треба да ја „ослободи“ Македонија од турското ропство. Веројатно за да се засили тој момент, еден од ликовите е револуционер од Охрид.
Овој сценаристички заплет во серијата, некако се совпаѓа со констатацијата на македонскиот дел од заедничката комисија за ревизија на историските учебници во двете земји
– Во бугарските учебници Македонија и натаму се третира како неослободена бугарска територија и тоа треба да биде променето. Македонскиот дел од интердисциплинарната комисија за ревизија на историјата ги нотира бугарските забелешки за содржината на македонските учебници по историја, но има и сопствени препораки и предлози за интервенција вo бугарските учебници, како придонес за вистинско подобрување на односите меѓу двете земји – се вели во едно соопштение на македонската комисија.
Сепак, случајното (или можеби планирано) совпаѓање на почетокот на прикажувањето на бугарската серија „Дрвото на животот“ со денот на ратификацијата на протоколот за НАТО во Брисел, предизвикува недоумици и прашања во јавноста, дали на суптилен начин во Македонија се промовира бугарското гледиште на т.н. заедничка историја, во интерес на политичкиот договор за добрососедство и пријателство со Бугарија.
– Приспособувањето на историјата во верзија што им одговара на политичките договори, веќе не е ни суптилно, туку се наметнува како процес што треба да го апсорбираме. Се наметнува како факт со кој едноставно треба да се помириме. И тоа треба да се постигне со сите средства, па еве и преку телевизиска серија. Ако бевме држава со национална стратегија, некој ќе реагираше на овој плагијат на историјата, очигледно со политичка конотација. Во овој миг се чини дека националните вредности, како националната историја, литературата, јазикот… се во колизија со власта.
Научниците историчари во Македонија се доведени во ситуација да се однесуваат како Галилео Галилеј – да ја прифаќаат политичката верзија на историјата (вистината), но на крајот својот научен интегритет да го бранат шепотејќи: „Сепак се врти“. Научните докази и понатаму остануваат, за разлика од моменталните политики, па колку долго и да трае тој миг – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова, од Институтот за национална историја – Скопје.